| четврток, 6 декември 2018 |

Шампионот Замбија се збогува уште по првиот круг

Актуелниот африкански шампион во фудбал, Замбија, се прости од надежите за одбрана на титулата уште по првиот круг на 29. издание на Купот на Нации што се игра во Јужна Африка.

Замбијците трипати ремизираа во групата Ц, што се покажа како недоволно за да ја минат првата фаза од натпреварите по групи. Последниот нерешен резултат без голови против Буркина Фасо, вечерва, го дотолчи актуелниот шампион и го остави на третата позиција зад денешниот противник и Нигерија која ја победи Етиопија со 2-0.

Буркина Фасо, како победник во групата ќе игра четвртфинален натпревар против Того или Тунис, а дерби на нокаут фазата ќе биде пресметката меѓу Нигерија и Брегот на Слонова коска.

По утрешните два последни натпревари од групата Д ќе биде познат последниот четвртфиналист, а во игра за пласман понатаму се Тунис и Того (имаат по 3 бода) кои во меѓусебен дуел ќе одлучат која селекција ќе игра со Буркина Фасо. Тука Брегот на Слонова коска е сигурен победник на групата и утрешниот меч со Алжир е само формалност.

Во останатите четвртфинални натпревари се среќаваат Јужна Африка и Мали и Гана против Кејп Верде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top