| четврток, 6 декември 2018 |

Се најдоа јунаци и за „аѕурите“, Словенија и зеде мерка на Италија (84-77)

Кошаркарската репрезентација на Словенија и го нанесе првиот пораз на селекцијата на Италија во рамки на групата Ф, на Европскиот шампионат. Домаќините беа подобри од „аѕурите“ со 84-77 и со тоа ги зголемија шансите за пласман во четвртфиналето на европското првенство.

На почетокот на мечот, Италија поведе и предноста ја зачува се до крајот на првата четвртина (21-18). Во вториот период избраниците на селекторот Божидар Маљковиќ направија комплетен пресврт и со ангажирана игра под двата коша, на полувреме заминаа со шест поени разлика (45-39).

Во вториот дел „Змајчеки“ се опуштија и дозволија израмнување на резултатот на 48-48. По тајм-аутот на селекторот Божидар Маљковиќ домаќините направија клучна серија од 10-0 и потоа рутински со триумф од 7 поени разлика го завршија натпреварот.

Најрасположен за игра во словенечката репрезентација беше Горан Драгиќ со 22 поени, а Словенија ја направи клучната разлика под обрачите, остварувајќи 45 скока, дури 17 повеќе од Италија. Зоран Драгиќ постигна 15 поени, а Боштјан Нахбар уфрли 13. Кај поразениата селекција Џентиле одигра извонредно со 20 поени, а Датоме додаде 16. Потфрли НБА ѕвездата од Чикаго булс, Белинели со само 11 поени, но и катастрофален шут од поле од само 3 погодоци во 15 обиди. И Италија и Словенија сега имаат по 4 бода, заедно со Хрватска. Актуелниот европски првак Шпанија, Грција и Финска имаат по 2 бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top