Претседателот на Еврокомисијата, Жозе Мануел Баросо, во говорот во Европскиот парламент истакна дека е од витално значење да постои „единствен пазар“ во секторот на телекомуникациите со цел да се обезбеди ЕУ да не заостанува зад другите региони во светот.
– Предлогов ќе ги намали цените за корисниците. Европа ќе стане сè повеќе дигитална… ќе понуди нови можности за корисниците. Зарем не е парадоксално што имаме внатрешен стоковен пазар, но кога станува збор за дигиталниот сектор, имаме 28 пазари – рече Баросо.
Реформите во телекомуникациите што ги уриваат националните бариери се „од клучно значење за конкурентноста и за вработувањето, а поставуваат база за просперитет во годините што доаѓаат“, посочи Баросо.
Главниот предлог е до јули 2014 година да се укинат трошоците за роаминг, односно дополнителните трошоци што корисниците ги плаќаат за повикување корисници што користат мобилни телефони или уреди што се во странство. Компаниите би требало да понудат пакети „зборувајте како од дома“, што ќе ја покријат целата ЕУ или да им дозволат на корисниците да се претплатат на други провајдери без давачки кон нивните основни СИМ-картички, се наведува во соопштението од Комисијата.
Операторите тврдат дека роамингот е клучен за нивниот профит и оти благодарение на него успеваат да одвојат средства со што финансираат огромни инвестиции во ЕУ. Според усвоените реформи, трошоците за повиците од мобилната мрежа во рамките на ЕУ не би требало да бидат поголеми од 0,19 евроценти за минута.
Комисијата, исто така, го поддржа принципот „неутралност на мрежата“, односно интернетот да биде отворен систем. Со ова на компаниите им се забранува да склучуваат договори, на пример, за поголема брзина за пренос на податоци, што во практиката може да се ограничи пристапот на нивните конкуренти. Пакетот реформи што ги усвои Комисијата сега ќе бидат доставени на одобрување пред Европскиот парламент и пред лидерите на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


