| четврток, 6 декември 2018 |

Брза пита

DSC_0116Гибаници, пити, комад, бурек… Тоа беа тестата кои ги правеа нашите баби и кои до денес се актуелни, посебно во последно време. Но, во еден период, во крајот на 80-тите години на минатиот век „стана модерно“ да се измислуваат нови пити кои не одземаат многу време да се подготват, не бараат вештина во сукање, а пак се вкусни. И така, едно време на сите семејни средби, родендени, седенки, имендени, почна да се служи брзата пита. Прво таа влезе на домашното мени како брза вечера, ако ви се јаде нешто вкусно, а домашно направено, а потоа со различен додаток во филот од домашните беше прогласена за пита која слободно може да се служи и за пред гости.

Филот за оваа пита може да биде различен – со сирење, со сирење и шунка, со кашкавал и шунка, потоа со маслинки, со спанаќ, со праз… Овој рецепт слободно може да го направите и во форма на сега веќе многу популарните мафини – но, солени, се разбира. Наместо смесата да ја истурите во тава за печење, можете да ги истурите и во тава која има форма за мафини или пак во алуминиумски корпички за печење колачиња. Одозгора само посипете сусам. И уживајте!

Состојки:

4 јајца

Две и пол шолји бело брашно

1 шолја јогурт или кисело млеко

Пола шолја зејтин

1 пакетче прашок за пециво

Малку сол

Сусам

За фил:

250 грама сирење

250 грама шунка

Подготовка:

Јајцата се матат, потоа се додава јогуртот или киселото млеко. Една иста шолјата ќе ви биде мера за сите продукти. Со неа ќе мерите и за јогуртот, зејтинот и брашното. По тој редослед ќе ги додавате продуктите. Потоа се додава прашокот за пециво и малку сол и се мати со миксер или со лажица. Во смесата филот може да биде по избор – сирење, кашкавал, шунка, маслинки. Оваа брза пита може да се направи и со праз или со спанаќ. Ако се прави со спанаќ, тој само се чисти, мие и потоа се бланшира во врела вода неколку минути. Потоа се сечка и се додава во тестото. Со праз постапката е слична, но празот се пропржува.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top