Шпанија на фуриозен начин со победа од 68-40 против Хрватска ја почна одбраната на титулата и походот по хет-трик на европските првенства. Одбраната на актуелниот првак беше гранитна, а „коцкестите“ се мачеа да постигнат поени. Ова е најлош скор на Хрватска на шампионатите кога се во прашање постигнатите поени. Само Бојан Богдановиќ кај поразената репрезентација имаше двоцифрен број на поени, 12, а сите останати кошаркари останаа под „десетката“.
Руди Фернандез беше во свој елемент, одигра одлично и со 15 поени ја предводеше „фуријата“ до убедлива победа на стартот од натпреварите во Ц групата што се игра во Целје. Претходно и Грузија ја забележа првата победа во дуелот против Полска со 84-67, а вечерва играат Словенија и Чешка.
Во Копер во рамките на Д групата ниту Грција немаше проблеми и славеше убедливо со 79-51 против аутсајдерот Шведска. Со триумф тргна и Финска и тоа сензационален против Турција од 61-55. Вечерва се игра последниот суел од првото коло меѓу Русија и Италија.
Во Љубљана во сличен меч на нашиот Украина во самиот финиш стаса до победа од 58-57 против Белгија, а изненадување приреди Велика Британија со успех против Израел по едно продолжение. Британците славеа со 75-71, откако во регуларниот дел беше нерешено 66-66. За неполн час Франција ќе игра против Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



