Американскиот претседател Барак Обама е подготвен да преземе воена акција против сирискиот претседател Башар ал Асад. Тој вечерва изјави дека за употреба на сила ќе побара дозвола од Конгресот. Тој истакна дека шефовите на пратеничките групи во Конгресот се согласиле дебата и гласање за ова прашање да стават на дневниот ред на Парламентот, кога тој повторно ќе заседава. Обама не соопшти што ќе се случи доколку Конгресот не дозволи воена интервенција во Сирија.
– Решив дека САД треба да преземат воена акција против цели на сирискиот режим. Тоа нема да биде интервенција без крај, нема да употребиме копнени сили, туку ќе биде со ограничено траење и обем. Ќе го казниме Асад за употребата на хемиско оружје, и ќе ги намалиме неговите можности пак да го стори ова. Нашата армија има капацитети во регионот, а началникот на Генерал-штабот вели дека можеме да нападнеме кога ќе решиме. Нашиот капацитет да ја извршиме оваа акција не е поврзан со временски рок, тоа може да се случи утре, или следната недела или следниот месец. Јас сум подготвен да ја издадам таа наредба – изјави Обама во обраќањето во Белата куќа, придружуван од потпретседателот Џо Бајден.
Зборувајќи за минатонеделниот напад со хемиско оружје во близина на Дамаск, Обама рече: „Овој напад претставува навреда за човечкото достоинство. Исто така, претставува сериозна опасност за нашата национална безбедост“. Тој уште истакна дека САД се сигурни во одговорноста на сирискиот диктатор Башар ал Асад за нападот во кој беа убиени над 1.000 цивили, од кои стотици деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.