45 проценти од студентите кои конкурирале за место во студентски дом за академската 2013/14 година се дисквалификувани на конкурсот за сместување во студентски домови поради тоа што во документацијата навеле лажни податоци за примањата.
Податокот го соопшти премиерот Никола Груевски на денешната промоција на 12 нови наслови од едицијата на странски учебници. Според информацијата која до него ја доставиле надлежните, 45 проценти од студентите навеле лажни податоци во приемните барања. Најголем дел од студентите доставиле податоци дека нивните родители имаат помали примања од нивните редовни плати.
– На пример, ова е само претпоставен пример, некој студент пријавува дека примањата на неговите родители се илјада денари месечно. Потоа му се бара потврда од УЈП и се утврдува дека таткото на студентот зема 30 илјади денари плата месечно. Сите откриени случаи се дисквалификувани на конкурсот, а нивните пријави се одбиени – рече премиерот Никола Груевски.
Вечерва ќе бидат објавени студентите кои добиле кревети во студентските домови, а потоа ќе биде објавен нов конкурс за празните места на кој ќе може да се пријават и одбиените студенти.
Груевски рече дека со новиот закон за студентски стандард, кој е усвоен сега, се предвидени и високи казни за одговорните лица кои делеле студентски легла не по критериуми туку по врски и ургенции. За одговорните во домовите и во студентскиот центар се предвидени и високи казни од 3 илјади до 7 илјади евра за оние кои не ги делат леглата на законски утврден начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



