Чешкиот претседател Милош Земан денеска потпиша распуштање на Долниот дом на Парламентот и официјално распиша предвремени избори на 25 и 26 октомври. Одлуката на претседателот ја потпишал и премиерот во оставка Јиржи Руснок.
Сега останува партиите да се подготват за изборите и до 17 септември да ги испратат своите кандидатски листи.
Според последните изјави на Земан, тој очекува составувањето на владата по вонредните парламентарни избори да биде за неколку недели, нагласувајќи дека целосно ќе ги почитува резултатите. Ова доаѓа по неговите претходно искажани ставови дека за премиер ќе го именува онаа личност која ќе му биде предложена од победничката партија.
Предвремените избори во Чешка треба да бидат решение за излез од политичката криза на земјата по корупцискиот скандал во Владата на премиерот Петр Нечас, чиј десно ориентиран Кабинет поднесе оставка по што беше именувана техничка Влада на Руснок, која исто така е во заминување, поради тоа што не ја доби потребната парламентарна поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


