| четврток, 6 декември 2018 |

Судот му го продолжи притворот на новинарот Кежаровски

Кривичниот суд Скопје 1 вчера во истражниот затвор во Шутка му доставил решение на новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски во кое пишува дека судот по четврти пат му ја продолжува мерката притвор за уште 30 дена.

Весникот „Нова Македонија“ јавува дека ваква одлука донел кривичниот суд Скопје 1 кој во образложението напишал дека притворот на новинарот му се продолжува поради опасноста Кежаровски да избега а со тоа нема да присуствува на судските рочишта во случајот „Ликвидација“. Ова е четврти пат судот да му го продолжува притворот на Кежаровски.

Адвокатот на новинарот, Филип Медарски за „Нова Македонија“ вели дека нема официјална потврда на информацијата и дека тој како бранител на Кежаровски не добил никакво решение.  Ниту Кривичниот суд Скопје 1 на својата веб-страницата нема објавено дека судот донел вакво решение, објави „Инпрес“.

Единствено сопругата на новинарот, Марина Кежаровска ја потврди информацијата.

– Вчера ми се јавија од затворот и ми кажаа дека стигнало решение со кое му се продолжува притворот на мојот сопруг. Не знам зошто и до кога ќе го прават ова и не знам зошто Томче не може да биде пуштен барем во домашен притвор – изјави за „Нова Македонија“ Кежаровска.

Според обвинителниот акт, Кежаровски е обвинет за откривање на идентитетот на заштитениот сведок за платеното убиство во Ореше во новинарски текст од пред пет години.Останатите обвинети – адвокати, судии, обвинител и бизнисмени се товарат и за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, противзаконско посредување, недозволено држење оружје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top