Еден функционер од британската влада предупредил: „Се позабавувавте, но сега вратете ни ги материјалите“.
Британските разузнавачи ги принудиле уредниците на Гардијан да ги уништат хард дисковите на кои се наоѓаат документите што на весникот му ги проследил Едвард Сноуден.
Како што навел уредникот на Гардијан Алан Расбриџер, владата се заканила дека ќе преземе „правни мерки“ ако весникот физички не ги уништи носачите на податоци или не ги предаде компјутерите.
Во написот објавен синоќа на веб-страницата на Гардијан, Расбриџер го опишал инцидентот, но не прецизирал кога точно се случил. Автентичноста на тврдењето ја потврдил и еден анонимен извор за Ројтерс.
Расбриџер навел дека во изминатиот месец, откако весникот објави неколку приказни врз основа на откритијата на Сноуден, британски владин функционер предупредил: „Се позабавувавте, но сега вратете ни ги материјалите“.
Разузнавачите, наводно, тврделе дека причината за овој нивен потег е „ризикот кинеските хакери да стигнат до документацијата на Сноуден“.
По дополнителните разговори со претставниците на владата, Расбриџер вели дека редакцијата на Гардијан во Лондон ја посетиле двајца „експерти за безбедност“ од владината Агенција за комуникации, британски еквивалент на американската Национална безбедносна агенција (НСА).
Државните агенти потоа во подрумот на зградата на Гардијан присуствувале на уништувањето на компјутерските хард дискови што го содржеле материјалот што го обезбедил Сноуден, открил Расбриџер и додал дека еден од агентите потоа се пошегувал: „Сега може да го откажеме пристигнувањето на хеликоптерот со луѓето во црно“.
Се чини дека одлуката на уредниците на Гардијан јавно да ги кажат заканите од власта, како и тврдењето на весникот дека може да продолжи да ги објавува откритијата на Сноуден надвор од Британија, претставуваат најнов чекор во ескалацијата на конфликтот меѓу медиумите и владата во врска со објавувањето на материјалот за тајните државни програми за надгледување.
Британските власти, исто така, во неделата повеќе од девет часа на еден лондонски аеродром го држеа Дејвид Миранда, животниот партнер на Глен Гринвалд, новинарот што во Гардијан објави серија документи што ги доби од Едвард Сноуден, пренесува РТ.
Миранда бил притворен врз основа на членот седум од Законот за тероризам, кој им овозможува на безбедносните агенции да задржуваат и да испитуваат поединци на границите, а Миранда бил држен максимално колку што предвидува законот.
Неименуван извор од американските безбедносните служби за Ројтерс изјавил дека една од главните цели на задржувањето на Миранда на аеродромот било да се испрати порака до медиумите што добиваат документи од Сноуден, вклучувајќи го и Гардијан, дека владата во Лондон е сериозна во намерата да го спречи понатамошното истекување на овие податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.