Просечните пензии во Македонија и во Босна и Херцеговина (БиХ) се убедливо најмали во регионот, па и во Европа. Во овие земји се најмали и просечните плати. Според податоците од Заводот за пензиско осигурување на Македонија, просечната пензија изнесува околу 144 евра, а според Заводот за статистика на Македонија просечната плата во април годинава изнесувала 20.983 денари, односно 342 евра, што ги прави просечните примања на пензионерите за 200 евра помали од просечната плата.
Во БиХ просечната пензија во јануари 2013 година изнесувала 171 евро, а според податоците на босанската Агенција за статистика, просечната плата во мај годинава изнесувала 425 евра, што е за 250 евра пониско од просечната плата.
Претседателот на синдикатот на пензионерите во БиХ, Нусрет Шуње, за „Анадолија“ изјавил дека поголем број од пензионерите во земјите од регионот, а посебно во БиХ немаат доволно пари ни за основите животни потреби.
– Пензионерите во БиХ живеат тешко, јас би ги опишал како уметници без пари бидејќи така се кажува за отмените луѓе кои не можат да купат ни леб. Пензионерите во БиХ немаат пари ни за основните животни потреби и во моментов се една од најзагрозените општествени групи – изјавил Шуње.
Според него, голем број пензионери низ цела БиХ успеваат да преживеат со тоа што се хранат во разни хуманитарни и јавни кујни.
– Во јавните кујни пензионерите преживуваат така што за себе обезбедуваат барем малку леб, супа и млеко. Ако видиме на државно ниво, иако не постојат официјални податоци, околу 30 проценти од пензионерите се хранат во јавните кујни и разни хуманитарни и добротворни организации. Многу помагаат и роднините, пријателите и посебно оние роднини кои живеат во дијаспората – вели Шуње.
По БиХ, следува Србија, каде што, според податоците на државниот пензиски фонд, просечната пензија изнесува 219 евра, а просечната плата, пак, исплатена во март годинава изнесувала 367 евра, што значи дека просечната пензија е за 150 евра помала од просечната плата.
Најголема просечна пензија во балканскиот регион имаат Црна Гора и Хрватска, и истата се движи околу 300 евра.
Според податоците на црногорскиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување, просечната пензија во земјата е 278 евра, а просечната плата исплатена во мај годинава изнесувала 480 евра, односно истата е за 200 евра поголема од просечната пензија.
Најголема пензија во регионот имаат хрватските пензионери, и истата според официјалните податоци изнесува 310 евра. Според хрватскиот Завод за вработување, пак, просечната плата во земјата изнесува 718 евра, со што истата е за 400 евра поголема од исплатата на просечната пензија.
Во голем број европски земји, пак, има поголеми просечни плати, со што и пензиите и стандардот на пензионерите е значително поголем.
Според податоците на државните институции, просечната плата во Франција изнесува 2.041 евро, додека, пак, просечната пензија во земјата е 1.120 евра. Просечната плата во Шведска изнесува 2.281 евро, а пензијата, пак, е околу 1.350 евра. Во Германија, пак, просечната плата изнесува 2.234 евра, а просечната пензија околу 1.200 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.