
Горд сум на Армијата на Република Македонија, која по својата професионалност, посветеност и постигнати резултати, постојано ги надминува нашите очекувања и очекувањата на нашите НАТО пријатели, партнери и сојузници. Верувам дека ќе дојде денот кога кон успешното учество во мировните мисии и бројните индивидуални одличја ќе се придодаде и колективното признание кое сме го заслужиле – полноправното членство на Република Македонија во НАТО, истакна претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија Ѓорге Иванов во своето обраќање на централната свеченост по повод роденденот на АРМ – 18 Август, што се одржа попладнево пред зградата на МО и ГШ на АРМ.

Иванов рече дека тајната на успехот на армијата е посветеноста кон реформите кои се прават за интероперабилност со структурите кон кои се стремиме, а кои пред сè, ги правиме за нашата безбедност.
– Треба да сме свесни дека без континуирано вложување во армијата, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби. Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние кои нè чуваат нас и нашите деца. Како врховен командант на вооружените сили, цврсто сум уверен дека институциите во РМ надлежни за обезбедување финансиски средства, треба да преземат одредени мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на нашата армија, рече Иванов честитајќи им го 21-от роденден на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


