Имајќи предвид дека македонската економија е поврзана со европската економија, односно 90 проценти од нашиот извоз директно или индиректно се ориентирани кон еврозоната и ЕУ, тоа значи дека и во втората половина од годинава можеме да очекуваме подобри резултати и кај македонскиот економски раст, рече гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, во интервју за Македонската телевизија, одговарајќи на прашањето како излегувањето на ЕУ од рецесија ќе се одрази врз македонската економија.
– Раст од 2,9 проценти беше регистриран во првиот квартал, меѓутоа нешто слично очекуваме и за вториот, индикаторите коишто досега ги имаме се охрабрувачки и во вториот ќе имаме солиден економски раст, близу до оној регистриран во првиот квартал. А, овие најнови податоци за еврозоната укажуваат дека и во втората половина овој позитивен тренд на македонската економија ќе продолжи, со што растот од 2,2 проценти, којшто ние го предвидуваме за целата оваа година, дефинитивно ќе се оствари, може да биде дури и нешто над тоа – додава тој.
Богов смирува дека не постои закана од инфлација и од поскапувања.
– Во август и во септември очекуваме драстично намалување на стапката на инфлација. Таа во јули беше 4 отсто, очекуваме да се спушти некаде околу два процента во наредните два месеца, значи инфлацијата е дефинитивно под контрола и таа оваа година ќе биде во рамки на проекцијата од 2,8 отсто – просек за цела година – тврди Богов за МТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.