Игор Атанасовски-Харе и неговиот џез-блуз бенд „Гуру Харе“ утревечер ќе бидат дел од Карпошовото културно лето. Тие ќе настапат на платото „Лептокарија“ со почеток во 20 часот и 30 минути.
– Џез-музиката споена со ликовен перформанс на Касиопеја Наумовска ќе биде вистинска атракција не само за љубителите на музиката и уметноста, туку за сите присутни – најавуваат од Општина Карпош, која е организатор на настанот.
Харе ги претставува македонските блузери на фестивалите. Почнувајќи како член на групата „Банкрот блуз бенд“, се појавува во безброј музички записи како гитарист, автор на музика и аранжер, а забележителен успех постигна и со блуз-албумот на Игор Џамбазов. Со легендата на блузот, Лоуисиана Ред, и со гитарата на познатиот Елморе Јамес направи една мала интимна свирка која остана запаметена во јавноста. Харе ќе се претстави со музика од својот најнов албум, како и со неколку блуз-стандарди, придружен од одличниот бенд составен од Златко Михајловски-Бумбар, Трајко Симоновски-Таци и Жарко Пејковски – Жба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.