Професорката Билјана Ванковска, инаку жесток противник на Охридскиот рамковен договор, во својата последна колумна за „Нова Македонија“ ги повикува Македонците да учат албански јазик. Според неа, подобро самите да го научиме тој јазик отколку сосила да нѐ тераат.
Таа, меѓу дргугото, пишува:
„Колумнава е главно упатена до Македонците, иако се однесува на сите. Пораката гласи: учете албански!
Итно! Помладите, ако не повозрасните, а особено децата. Без разлика на политичките пазари или законските акробации. Попаметно и полесно е нешто свесно да се стори за сопствен интерес отколку да се мрчи, а сепак прифати нешто наметнато „одозгора“. Подобро е самите да ја сфатиме полезната функција на јазикот што понекогаш крши коски, ама најчесто создава мостови и разбирање, отколку да се лутиме кога некоја амбасадорка од земја во која постои само еден јазик во службена употреба, „сонува“ небаре е Мартин Лутер Кинг, ама во туѓа држава (во својата земја, тоа не е предмет на дебата). Долго сум размислувала за ова, особено во текот на надмудрувањата каде и колку може да се користи албанскиот јазик. Јасно е дека стандардите за употреба на овој јазик одговараат на највисоките меѓународни норми, но очигледно и тоа не е доволно. Во општество што со сила се сведе на бинационално битката се води помеѓу македонскиот и албанскиот јазик (другите се чиста егзотика, а некои се и непожелни). Овој натпревар е дел на сложената етничка безбедносна дилема, во која и двете страни опстанокот го врзуваат за што поширока употреба на сопствениот јазик. Нациите, колку помали, толку повеќе инсистираат дека „јазикот е нашата единствена татковина“, притоа мислејќи дека ова е уникатна теза. Но само во овие простори ќе ја сретнете од Словенија до Македонија. Албанците, исто така, јазикот го сметаат за централен код на сопствениот идентитет – веројатно поради неговата специфичност, но и поради историски причини (неможност да се користи во сферата на образованието уште од „турско“)“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.