| четврток, 6 декември 2018 |

Трпески: СДСМ е дволичен за Мал Ринг

mal_ring

СДСМ во 1997 година изгласа Детален урбанистички план за Мал Ринг со кој се предвидуваа многу повеќе објекти отколку со проектот „Скопје 2014“ и тоа ја покажува дволичноста на СДСМ, обвини денеска Сашо Трпески, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.
– Во време кога СДСМ беше на власт во општина Центар, архитектот Мирослав Грчев во 1997 година предложи проектантски план на конкурс за Мал Ринг, за потоа како градоначалник лично тој да го даде на Советот на општина Центар за да го изгласа. Планот за Мал Ринг не е само план на Мирослав Грчев, туку е и план на СДСМ, бидејќи истиот е поддржан од мнозинството советници на СДСМ истата таа 1997 година. Скандалозно е што СДСМ за сè што досега го напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ за проектот „Скопје 2014“, претходно го имаа поддржано гласајќи го ДУП-от предложен и проектиран од нивниот тогашен градоначалник, Мирослав Грчев – рече Трпески.
Тој смета дека разликата е само тоа што ВМРО-ДПМНЕ сега гради објекти кои се наменети за државните институции и се јавни објекти на граѓаните, а СДСМ и Грчев, како што вели, „вцртувале маркици за приватни и деловни објекти како ‘Тифани’ и ‘Лумикс’“.
Трпески вели дека во тој план јасно се гледа дека требало да се изградат објекти околу црквата „Свети Димитрија“ и од сите страни на МОБ.
– Прашањето до СДСМ е колку дрва ќе се исечеа со планот на Грчев, што СДСМ го поддржа и дали и тогаш организираа нивните активисти протести или можеби ги гушкаа дрвата кои Грчев сакаше да ги исече? Во ДУП-от за Мал Ринг кој што Грчев го исцрта, а СДСМ го изгласа јасно се гледа дека се предвидува објект на местото каде што сега се гради црквата „Свети Константин и Елена“. Со оглед на фактот што СДСМ се противеше на изградбата на овој објект, логично се поставува прашањето што бил планот на СДСМ и Грчев да се изгради на просторот на оваа маркица. Дали можеби на местото каде што сега се гради црквата „Свети Константин и Елена“ се предвидувала изградба на приватен деловен објект или можеби трговски центар – прашува советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трпески, кој додава дека ова е „вистината за политичкиот театар кој што го приредува СДСМ и неговата продолжена рака, Андреј Жерновски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top