| четврток, 6 декември 2018 |

ШПИГЕЛ: ЕУ е главна мета за шпионирање

NSA

Разузнавачките служби на САД посебно заинтересирани за надворешната политика, меѓународната трговија и економската стабилност на ЕУ

Европската унија е меѓу главните мети на листата за шпионирање на американската Национална безбедносна агенција, пишува германскиот неделник „Шпигел“. Магазинот се повикува на документи кои им ги доставил поранешниот консултант на НСА Едвард Сноуден.

Во доверливите документи од април 2013 година се наведува дека американските тајни служби посебно се заинтересирани за собирање податоци за надворешната политика, меѓународната трговија и економската стабилност на европскиот блок. Нешто помала важност и се продава на новите технологии и енергетската безбедност на ЕУ.

Весникот наведува дека Вашингтон посебно е заинтересиран да ги шпионира Кина, Русија, Иран, Пакистан и Северна кореја, додека „средно интересни“ се Германија, Франција и Јапонија.

Новите податоци од документите од НСА ги потврдуваат претходните тврдења дека Вашингтон ги прислушкува официјалните претставници на ЕУ во Брисел и САД.

Американскиот претседател Барак Обама сега настојува да ги убеди сојузниците и Американците оти обемот на шпионирањето е значително помал, а завчера најави ревизија на американскиот систем за надзор, ветувајќи поголема транспарентност и подобра контрола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top