| четврток, 6 декември 2018 |

Пековиќ не потпишува договор, а со тоа и нема да настапи за Црна Гора

Познатиот центар Никола Пековиќ нема да настапи за репрезентацијата. Објаснувањето е во продолжение

Pekovic

„Мојата желба да играм ниту во еден момент не беше доведена во прашање. Така е и денеска. Меѓутоа, се уште немам потпишано договор и тоа не ми овозможува да и се приклучам на репрезентацијата. Без ова е невозможно да добијам осигурување, а без него пак, ниту еден играч на светот не игра за националниот тим“, вели во соопштението Пековиќ.

„Во мојот случај се очекува потпишување на 4 или 5-годишен голем договор, тој ризик е огромен и не смеам да го прифатам“, додава кошаркарот кој имаше блескава сезона во редовите на Минесота „Тимбервулфс“.

Црногорскиот центар додава дека преговорите со НБА екипите траат веќе петта недела и се уште не се завршени.

„И мојот агент Џеф Шварц, во кого имам неограничена доверба, ме уверува дека тоа за ваквите договори е сосема нормално. Исто така, тој ја исклучи секоја можност за тренинг, со кого било, пред да потпишам договор“, пишува понатаму Пековиќ.

„Јас искрено очекував дека порано ќе го потпишам договорот и оти ќе му се приклучам на тимот. За жал тоа не се случи и не можам да почнам со тренинзите. Одбрав да не и се придружам на екипата, да тренирам сам, индивидуално, без контакти, бидејќи не сакам да се издвојувам во таборот, тоа никако не би ми одговарало. Целосно ја разбирам одлуката на Сојузот да не ме чека и на тој начин да се стави точка на неизвесноста во која е селекцијата“, заклучува Пековиќ во соопштението.

Да потсетиме, ова е добра вест за Македонија, бидејќи нашата репрезентација се наоѓа во иста група и всушност ќе го отвори словенечкиот Евробаскет токму против Црна Гора. Во ова друштво се уште Србија, Летонија, Литванија и Босна и Херцеговина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top