| четврток, 6 декември 2018 |

Биланс: Комитите против полицијата

Пред започнувањето на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Вардар и ФК Стеауа во националната арена Арена Филип Втори околу 500 припадници на навивачката група ,,Комити“ кои таму биле присутни почнале да фрлаат со разни предмети кон распоредените униформирани полициски службеници на јужната трибина, кон западниот дел од стадионот и на платото пред самиот влез на јужната трибина, поконкретно кај угостителскиот објект „Вршац“

komiti

-При нападот врз полициските службеници седуммина се пожалиле на повреди и истите веднаш се згрижени со возила на итната медицинска помош. Станува збор главно за телесни повреди – контузии и расекотини – а повредените полициски службеници се пренесени во Ургентниот центар и во болницата “8-ми Септември“ за укажување на медицинска помош, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Освен нив, се вели во соопштението, на повреди се пожалиле и други полициски службеници, но целосниот биланс ќе биде познат откако ќе бидат изготвени сите службени белешки.

За одбивање на нападот и растурање на масата, полицијата презела неопходни мерки и активности, а при интервенирањето биле употребени хемиски средства (солзавец) и шок бомби по што масата се растурила низ централното градско подрачје.

-На овие инциденти им претходеше напад врз романските навивачи. Имено, за време на пристигнувањето на навивачката група на ФК Стеауа од Романија кои патуваа со два автобуси придружувани од униформирани полициски службеници, на локалниот пат кај с.Визбегово под клучката, тие биле пресретнати од страна на припадници на навивачката група “Комити“ при што колоната била нападната – каменувана со тврди предмети, а биле фрлени и молотови коктели, по што биле оштетени двата автобуси на романските навивачи, односно биле искршени стаклата на автобусите, се вели во соопштението од Министерството.

Освен повредените полицајци, во текот на насилството на спортскиот натпревар биле повредени и  двајца вработени како редари на стадионот. Ј.И. од Скопје се здобил со  контузија на главата и З.С. кој се здобил со контузии на главата и лицето, како и тројца други граѓани – Н.А., Т.Ј. и И.М. сите од Скопје кои се здобиле со телесни повреди на главата.

По полициска интервенција во полициската станица за општа надлежност Кисела Вода приведени се Н.А.(17) и К.Ѓ.(15), а непосредно пред започнување на натпреварот е приведено и лицето И.А.(25). од навивачката група Комити. Против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Од страна на СВР Скопје во тек се интензивни мерки и активности за расчистување на насилството и идентификување на други инволвирани во насилниот инцидент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top