Германија е светски фудбалски гигант, „трејдмарк“ во најважната споредна работа на светот, а синоќа со пласманот во четврт-финалето направи единствен подвиг. Популарниот „елф“ по 16. пат во низа се пласира меѓу осумтте најдобри селекции на мундијалите, а неверојатниот серијал трае од 1954 година.
Ако се сметаат сите мундијали, а досега ги има вкупно 20 со тековниот во Бразил, Германија дури 17 пати играла најмалку во четврт-финале на Светските првенства. На премиерата во Уругвај во 1930 година не учествуваа, две децении подоцна во Бразил во 1950 година им беше забрането да настапат, а само во 1938 година во Франција не успеаја да се пробијат во завршницата.
Неверојатниот и уникат серијал од 16 настапи во четвртфиналињата почна во Швајцарија во 1954 година, а потоа се нижеа успешни походи во Шведска 1958, Чиле 1962, Англија 1966, Мексико 1970, на домашен терен во 1974 година, потоа во Аргентина 1978, Шпанија 1982, повт0рно во Мексико во 1986, во Италија 1990, САД 1994, Франција 1998, Јужна Кореа и Јапонија во 2002, уште еднаш на свој терен во 2006, пред 4 години во Јужна Африка и сега во Бразил.
Импресивен марш на моќната фудбалска машинерија што трае непрекинато во последните 60 години на мундијалите. Патем Германците освоија и 3 шампионски трофеи во 1954, во 1974 и во 2006 година. Можеби е време за уште една титула во година што го има среќниот број 4 за „елфот“.

