Светското првенство во фудбал во Бразил ја минува првата фаза кога натпреварите се играат по групи, а веќе се прават калкулации кои селекции ќе се пласираат во нокаут-фазата во осминафиналето. Вкупно 32 репрезентации сонуваат за добар пласман, за добар впечаток на јубилејниот, 20. мундијал што се игра во земјата каде што фудбалот се доживува со посебна страст. „Кариоките“ се најтрофејната селекција на сите времиња со 5 титули, се надеваат на освојување и на шестата круна, токму пред својата публика, но кандидати има многу. И тоа со неверојатно колоритни прекари, што му дава посебен шмек на шампионатот. „Пустински лисици“ против „суперорли“. Во игра е и „орање“, на мундијалот играат и „црвени ѓаволи“, потоа и „ел три“, опасни се и „црвената фурија“ и „зборнаја“, внимавајте на „самураите“ и особено на „лос тикос“. Еве ја приказната за сите репрезентации и за тоа под какви имиња се познати, како настанале и што значат.
А
„Селекао“ ја доби битката со хрватските „ватрени“, „ел три“ ги припитоми „нескротливите лавови“
Бразил ја предводи групата А и е еден од фаворитите на шампионатот, а шансите им се добри и поради домашниот терен. Финалето ќе се игра во Рио де Жанеиро, а токму оттука потекнува едно од имињата на бразилската репрезентација. Ги нарекуваат „кариоки“, што значи луѓе кои потекнуваат од Рио. Официјалниот прекар им е „селекао“ (А Seleção) или национална селекција, назив што Бразилците го користат за сите репрезентации во кој бил спорт.
И популарните „ватрени“ од Хрватска прикажаа солидна партија на стартот од шампионатот иако загубија од Бразил со 1-3. Името „ватрени“ асоцира на темпераментот на играчите и на навивачите на Хрватска, а ги нарекуваат и „коцкести“ поради коцките на дресот во црвено-бела боја.
Најинтересното второ име во оваа група, веројатно, им припаѓа на Камерунците кои популарно се наречени „нескротливи лавови“ (The Indomitable Lions). Терминот доаѓа од најпознатото животно во оваа африканска земја и особено од напорите на тамошната заедница за заштита на нескротливиот крал на животните – лавот.
Мексико во првото коло успеа да ги скроти, па популарните „ел три“ (El Tri) освоија значајни бодови. Прекарот на Мексиканците е чиста скратеница од триколори, што е асоцијација на трите бои, црвена, бела и зелена, на националното знаме. Ваков прекар имаат уште неколку репрезентации на СП во Бразил.
Б
Расцутени лалиња во Бразил
И во групата Б има четири репрезентации со многу интересно второ име. Светскиот првак Шпанија доживеа вистински дебакл од 1-5 во дербито со Холандија, но „црвената фурија“ сигурно нема да се откаже од шампионските амбиции. Прекарот „црвената фурија“ (La Furia Roja) е симбиоза од две работи, бојата на дресовите, која е црвена, и фуриозната агресивна игра на Шпанците.
Неочекувано моќно на стартот на СП во Бразил расцутеа холандските „лалиња“. Тоа им е еден од неколкуте прекари на Холанѓаните, а вистинскиот е „орање“ поради портокаловата боја на дресовите (од англиски orange).
Конкурент за пласман натаму е и селекцијата на Чиле или популарните „ла роха“ (La Roja). Кај нив објаснувањето е едноставно, прекарот го имаат според бојата на дресовите, која е црвена. Аутсајдери во ова друштво се Австралијците. „Сокеросите“ загубија од Чиле со 1-3 и треба да направат две сензации со Шпанија и со Холандија за да се надеваат на пласман во осминафиналето. Кај нив има микс во прекарот од фудбал (сокер) и кенгур (kangaroos), животното што е симбол на Австралија.
Ц
Колумбиското кафе со горчлив вкус за Грците, слоновите поуспешни од самураите
Колумбија ја доби битката со Грција, и тоа убедливо, а нашиот јужен сосед не го оправда прекарот „пиратико“ (Piratiko) или пиратски брод што еден грчки коментатор им го даде во 2004 година на ЕП во Португалија. Прв избор на прекар кај Грците е „етники“ (Ethniki), што во превод значи национален состав.
Колумбијците во традицијата на својот најзначаен извозен производ, кафето ја препознаваат репрезентацијата по прекарот „лос кафетерос“ (Los Cafeteros). Или во превод, „тој што прави или консумира кафе“.
Конкуренти за двете први места во оваа група се и Брегот на Слоновата Коска и Јапонија. Интересна беше битката во Ресифе меѓу „слоновите“ и „самураите“. За репрезентативците од Африка е сосема логичен прекарот што го носат поради повеќевековната традиција на извоз на многу ценетата слонова коска. Јапонците се познати како „самураи“ (Samurai Blue), според бескомпромисните воини. Како дополнување на второто име е вметната сината боја според дресовите на репрезентативците што доаѓаат од земјата на изгрејсонцето.
Д
Групата на смртта во знакот на сината боја и на трофеите
Групата Д го доби епитетот група на смртта поради тежината, квалитетот и огромното реноме во светот на фудбалот на трите великани Италија, Англија и Уругвај. Со нив апсолутен аутсајдер требаше да биде Костарика, но момчињата од Средна Америка направија сензација со победата против Уругвај. Ги препознаваат како „лос тикос“ (Los Ticos) или шпански назив за домородното население во Костарика. Пред нивните опасни налети падна „ла селесте“, односно како што ја познаваме репрезентацијата на Уругвај. Објаснувањето е едноставно и тука главната улога во прекарот ја има бојата, небесносина, во која настапуваат популарните „уруси“.
Сличен прекар имаат и Италијанците или легендарните „азури“, по сината боја на дресовите. Едно од најстарите кралски семејства во регионот во Савој ги имало азурните обележја како свој симбол при обединувањето на Италија во 1861 година.
Кралски елементи има и кај Англичаните. Прекарот „трите лава“ асоцира на богатата историја на Обединетото Кралство, а датира од времето на некогашниот крал Ричард Лавовско Срце. Амблемот што го имаат англиските репрезентативци на дресовите е ист со тој што го има кралската армија на Англија. Ги нарекуваат и гордиот Албион, а интересно е што во оваа група се собрани селекциите со најмногу титули. Италија со 4 е второрангирана најтрофејна фудбалска нација зад Бразил, Уругвај има две круни, а Англија една или вкупно сите заедно – 7.
Е
Доминација на „триколорите“
Во петтата група доминираат „триколорите“. Две селекции во ова друштво, Франција и Еквадор, имаат исто второ име „триколори“ (La Tricolor или Les Tricolores) поради трите бои на државните знамиња. Франција го носи и прекарот „момчиња во сино“ (Les Bleus) и „галските петли“ по симболот на оваа земја. Швајцарија е тријазична земја, но прекарот „ла нати“ (La Nati), што на француски значи национален тим, е препознатлив и во италијанските, француските и во германските кантони на оваа земја. За да не биде монотоно со прекарите во групата Е, се погрижи Хондурас. Репрезентацијата на оваа земја е позната како „лос катрачос“ (Los Catrachos), прекар за домицилното население по славниот генерал Флоренсио Ксатруч, кој се борел против американската идеја за враќање на ропството во Средна Америка. Подоцна називот ксатручоси се изменил во катрачоси или следбеници на генералот Флоренсио.
Ф
Босанските „змејови“ единствен дебитант во Бразил
Босна и Херцеговина е во транс по историскиот пласман на Светско првенство во фудбал. Босанците веќе дебитираа со пораз од Аргентина на легендарната „Маракана“, а во момент на инспирација на еден од коментаторите во 2010 година го добија и прекарот „змејови“, по кој станаа препознатливи. Превисока пречка на стартот за нив беа момчињата во небесносино-бела комбинација од Аргентина или популарните „La Albiceleste“. Во ова друштво ќе има интересна битка меѓу босанските „змејови“ и „суперорлите“ од Нигерија. Прекарот на претставниците од африканскиот континент датира од 1988 година кога во финалето за континенталната титула беа поразени од Камерун. На интересен начин самите си се именуваа како „суперорли“, веројатно за нов стимул во походот за подобри резултати на фудбалски план. Во ова друштво се и „лавовите од Иран“ (Sirane Iran) или, како што самите се нарекуваат, „тим мели“ (Team Melli), што во превод значи национален тим.
Г
Бајката за „елфот“ – фудбалот го играат 22 играчи и секогаш победува Германија
Гари Линекер, легендата на англискиот фудбал, ја изговори легендарната реченица: „Фудбалот е проста игра во која 22 фудбалери ја бркаат топката 90 минути и на крајот секогаш победува Германија“. Тоа е бајката за „елфот“ или во превод од германски „единаесеттемина“ што секогаш победуваат. Германија има 3 титули и е гигант што сосема веродостојно ги потврдува зборовите на Линекер. „Die Mannschaft“ или „тимот“ повторно е меѓу фаворитите за титулата. Ќе им конкурираат европските Бразилци од Португалија предводени од Кристијано Роналдо. „Селекцијата со штитови“ (Seleção das Quinas) е опасна за сите противници, а прекарот им е според националното обележје на знамето со 5 штита и на секој од нив по 5 точки. Интересно е што во оваа група е и единствената селекција, САД, што нема свој препознатлив прекар. Затоа, пак, мошне колоритен е тој на репрезентацијата на Гана. Ги нарекуваат „црните ѕвезди“ (The Black Stars). Знамето на Гана е прекриено со ѕвезди, а за навивачите во таков контекст нивните миленици се „црни ѕвезди“.
Х
Група Х – вистинско место за црвената боја, има ѓаволи, воини, армејци и лисици
Групата Х е вистинското место за црвената боја, која е заедничка нишка на националните обележја, но и на вторите имиња на Белгија, Русија, Јужна Кореја и Алжир. Две од нив имаат заедничко второ име и ги нарекуваат „црвени ѓаволи“ (Red Devils). За Белгијците таквиот симбол е дамнешен, а од 1995 година тој прекар е карактеристичен и за Јужна Кореја. Тие, сепак, имаат свој оригинал и ги нарекуваат „таегук воини“ (Taegeuk Warriors). Ги одразува духовниот баланс и борбениот морал на Јужнокорејците. Тука е и моќната „зборнаја“ (Sbornaya) или во превод националниот тим на Русија. Ги нарекуваат и армејци, баќушки, но препознатливи се по нивниот оригинален прекар „зборнаја“.
И Алжирците си имаат свое обележје, а тоа се пустинските лисици, животно карактеристично за пределите на Магреб. Популарните „пустински лисици“ (Les Fennecs) во Бразил ќе покажат дали се итри како лисици во обидот да ги надмудрат ривалите од групата Х.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)