Репрезентативците на Гана, Сали Мунтари и Кевин-Принс Боатенг пред вечерашниот дуел со Португалија се отстранети од тимот.
Селекторот Џејмс Апија ги исфрлил од тимот поради тоа што неодамна имаше вербален дуел со Боатенг, додека Мунтари синоќа имал физичка пресметка со член на федерацијата.
На овој начин продолжи хаосот кој владее во африканската репрезентација пред значајниот настап со Португалците, преку кој можат да изборат осминафинале на мундијалот.
Проблемите во таборот на „црните ѕвезди“ кулминираа во вторник по нивната закана дека нема да настапат во 3. коло од групата доколку не им бидат исплатени премиите за учеството на СП.
Тогаш интервенираше дури и претседателот на оваа држава во убедување дека репрезентативците ќе си ги добијат средствата. Наводно авион со три милиони долари бил испратен во Бразил за таа намена.

