Георгиос Самарас уште еднаш покажа дека е одличен напаѓач, а Грција го фати последниот воз за осминафиналето од групата Ц заедно со неприкосновената Колумбија.
Самарас во последните моменти од мечот со Брегот на Слонова Коска изнуди пенал, а потоа беше и прецизен од белата точка за победа на Грција од 2-1, што беше доволно нашите јужни соседи да се пласираат во осминафиналето. Во вториот меч од оваа група моќната Колумбија ја забележа и третата победа, овојпат со 4-1 против Јапонија.
Колумбијците ќе играат со Уругвај во осминафиналето, а Грција за противник ќе ја има Костарика.
Грците одиграа подобро од фаворитот од Африка вечерва и заслужено славеа клучна победа за пат во нокаут фазата. Дуото Самарас и Самарис ја надитри одбраната на БСК во 42. минута, по што Грција поведе со 1-0. Во вториот дел Вилфрид Бони израмни на 1-1 во 74. минута, резултат што им одговараше на репрезентативците на БСК, со оглед на тоа што тие пред стартот на последното коло со 3 бода беа второпласирани. Но, Грците нападнаа и по грешката на Сио, кој направи пенал со прекршок над Самарас, успеаја да победат и да минат понатаму.
Колумбија рутински ја победи Јапонија со 4-1, а повторно блескаше Џејмс Родригес. Тој влезе на почетокот на второто полувреме и за само 45 минути имаше две асистенции до Џексон Мартинес и еден погодок. Еден гол даде и Квадрадо од пенал, за „самураите“ стрелец беше Оказаки.