Денеска на програмата се четири натпревари од Светското првенство во Бразил, по два од групите А и Б, а мечевите се играат од 18 и 22 часот.
Први на терен ќе излезат репрезентациите од групата Б. Двата натпревара поради регуларност ќе започнат од 18 часот, а ќе се сретнат Холандија-Чиле и Шпанија-Австралија.
За „лалињата“ и јужноамериканците овој натпревар е од големо значење бидејќи ќе решава кој ќе заврши на првата позиција во групата и со тоа ќе ја избегне екипата на Бразил во осминафиналето. Од друга страна Шпанија и Австралија ќе играат за престиж.
Во групата А натпреварите ќе се одиграат од 22 часот и се доста повозбудливи. Бразил игра против Камерун, кој веќе се прости од мундијалот и се очекува победа за заверка на лидерската позиција. Целото внимание ќе биде насочено кон мечот Мексико и Хрватска кои ќе се борат за место кое води во осминафиналето.
„Сомбреросите“ се во мала предност пред „коцкастите“ бидејќи имаат еден бод повеќе на табелата, односно и со реми тие ќе обезбедат пласман во вториот круг.

