Вистинска инвазија на 30 илјади навивачи на Мексико, организирани во група со колоритно име „Армијата на Панчо Вилја“ ќе допатува во Ресифе за клучниот меч на „Ел-Три“ против Хрватска. Мексиканците се луди по фудбалот, а препознатливите смобрера ќе бидат препознатлив елемент на „Пернамбуко“ арената во понеделник.
И што е најинтересно грото од навивачите ќе допатуваат од Соединетите Американски Држави, каде има огромна мексиканска популација. Хиспаноамериканците се околу 50 милиони во САД, поголемиот дел од нив се иселеници од Мексико.
„На мечот со Бразил, се загледувавме еден со друг на трибините. Се прашувавме кој од каде е дојден. Но, тоа не е важно за нас, сакаме само да и помогнеме на нашата репрезентација да се пласира во осминафиналето“, вели Хуан Чакон од Тексас.
Во Мексико фудбалот е религија, секојдневие, огромна страст, а навивачите се извонредни. Против Хрватска, Маркез, Пералта, Дос Сантош, Очоа, Морено и останатите репрезентативци ќе имаат огромна поддршка од трибините.
Како во Пасадена, САД, пред 5 години, кога на домаќините му оддржаа вистинска лекција од навивање. На теренот на САД имаше околу 70 илјади Мексиканци и само една десетина од таа бројка домашни симпатизери на САД.
На Мексико му одговара и реми против Хрватска за да се пласира во осминафиналето.



