Колумбискиот репрезентативец Камило Зунига се наоѓа под полициска заштита за време на неговиот одмор во Антикија, откако до него беа упатени повеќе закани по неговиот живот од бесните бразилски навивачи.
Зунига го навлече гневот на Бразилците откако тешко го повреди најдобриот играч на кариоките во четвртфиналето од Светското првенство удирајќи го со колено во рбетот. Бразилецот имаше повреда на третиот лумбален пршлен и за него првенството заврши. Иако Зунига се извини и рече дека немал намера да го повреди напаѓачот на Барселона, Зунига стана најомразениот фудбалер во очите на Бразилците.
Поради сериозните закани по неговиот живот во моментот е чуван од 10 полицајци додека одмора во Колумбија. Локалните власти сооптшија дека секој репрезентативец се наоѓа под полициска заштита по историскиот резултат на Колумбија на Светското превенство, но и дека една од причините за толкавата заштита на Зунига се писмата со заканите кои ги доби во последните седум дена.