вторник, 16 декември 2025 | Вести: 0

Германија не враќа долгови од 1982 година, Франција наострена за одмазда (видео)

Германската фудбалска репрезентација не враќа долгови од мундијалот во 1982 година во Шпанија, а Франција сака да ја избегне судбината на Алжир и да ѝ се реваншира на моќната машинерија на Лев за неправдата од пред 32 години.

Денеска од 18 часот двете силни европски селекции ќе се судрат во мегаспектакл на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро, а вљубениците во фудбалската игра посакуваат реприза на неверојатно возбудливиот меч на Германија и Франција од пред 32 години. Тогаш во полуфиналето во Севилја се одигра еден од најдобрите мечеви во историјата на мундијалите, проследен со прекрасен фудбал, многу возбудувања и пресврти, но и со еден контроверзен момент што сѐ уште се памети. Мечот заврши со резултат 3-3 по две продолженија, а Германија славеше на пенали и се пласира во финалето.

Но, што се случи на стадионот „Рамон Санчес Писхуан“ во Севилја во 1982 година и зошто вечерашниот дуел меѓу „триколорите“ и „елфот“ ќе има дополнителен шарм и набој.

По првиот дел, резултатот беше 1-1, а клучниот момент се случи во второто полувреме.

Мишел Платини одлично го проигра Патрик Батистон, а тогашниот одбранбен играч на Бордо, за жал, беше малку побавен од германскиот голман Шумахер, кој стартуваше брутално и буквално со ногата го погоди в лице противникот и го нокаутира во шеснаесетникот. Батистон заврши во болница, на теренот беше во бессознание половина час, а и повредите беа стравотни. Патрик остана без два заба, три ребра му беа скршени, го повреди и рамото, но на хорор ударот на германскиот голман воопшто не реагираше холандскиот судија Чарлс Корвер.

Фрапантно е како човекот во црно не виде ништо и не досуди ниту фаул за Франција. А, стартот беше намерен и за исклучување, имаше и пенал за „триколорите“, кои веројатно ќе победеа и ќе играа во финалето на мундијалот во Шпанија. По мечот што сѐ уште се памети како маестрално фудбалско дело, со многу пресврти, убави акции и драматична завршница, Платини даде интересна изјава.

„Мислев дека е мртов. Патрик не даваше никакви знаци на живот и немаше пулс. Падна како покосен и не мрдаше. За среќа, медицинскиот тим му помогна да дојде до здив. И денес не можам да сфатам зошто судијата не реагираше според правилата. Нѐ оштети, но тоа е слаба утеха. И за Франција и за мојата генерација, која беше извонредна, и за Батистон“, изјави сегашниот претседател на УЕФА.

Франција поведе во првото продолжение со 3-1, но германската машинерија успеа да израмни на 3-3 и да победи на пенали со 5-4.

Германија на тој мундијал веројатно беше најнеомилената репрезентација поради две работи. Прво во крајно сомнителен меч против Австрија во фазата по групи си одиграа како што им одговара на двете репрезентации и го елиминира симпатичниот состав на Алжир, а потоа дојде и стартот на Шумахер врз Батистон. „Слепилото“ на холандскиот судија, сепак, не му помгна на „елфот“ да дојде до титулата, а Италија се радуваше на вредниот пехар по победата од 3-1 во финалниот меч на „Сантијаго Бернабе“ во Мадрид.

За реванш на овој мундијал во Бразил беа расположени и Алжирците, добија шанса по цели 3 децении да се пресметаат со Германците на фудбалски терен, но потклекнаа по двете продолженија од по 15 минути. Избраниците на Јоаким Лев јасно покажаа дека не се расположени за враќање на старите долгови од 1982 година, но вечерва Франција ќе се обиде да се одмазди за неправдата од пред 32 години.

 

 

Top