Бразил и Колумбија ќе го играат јужноамериканското супердерби во четврт-финалето на мундијалот, а огромниот фудбалски ривалитет на соседите овојпат најмногу ќе се темели на два играчи и на бројките 10 и 22.
Нејмар да Силва Сантош Јуниор или скратено само Нејмар и Џејмс Родригес ќе бидат во фокусот на вниманието, како најдобри играчи на двете селекции во досегашниот тек на шампионатот. И двајцата имаат по 22 години и го имаат дресот со број 10, а досега одиграа одличен турнир.
Од Нејмар веројатно и се очекуваше да го предводи Бразил до новата, шеста титула на Светско првенство, а фудбалерот на Барселона засега умешно се снаоѓа. Постигна 4 гола и го дели второто место на листата на стрелците, на таа позиција и според бројот на успешни дриблинзи и конкурира за најдобар играч на јубилејниот 20. мундијал.
Џејмс Родригес е вистински хит во Бразил, иако и тој е познат фудбалер со одличен рејтинг, но веројатно не се очекуваше да игра така добро како што тоа го прави на мундијалот. Фудбалерот на Монако засега е главен кандидат за вредниот пехар наменет за најдобриот играч на турнирот, постигна 5 гола и е лидер на листата на стрелците, иако не е напаѓач, туку играч за врска.
Неговиот прв погодок против Уругвај е ремек-дело и еден од најубавите погодоци во историјата на светските првенства. Стабилноста во играта, одличните физички предиспозиции, борбеноста и квалитетните и молскавични решенија во играта, комбинирани со голгетерските особини, го исфрлија 22-годишниот играч на Колумбија во преден план.
Нему сигурно му е потешко, особено откако Колумбија неочекувано остана без првата ѕвезда Радамел Фалкао, но Џејмс на импресивен начин ја предводи репрезентацијата на патот до славата и првата светска титула. Вистински тест за можностите и на Џејмс и на Колумбија е дуелот против најтрофејните фудбалски волшебници од Бразил, а победа ќе биде патоказ до врвот и евентуалното освојување на вредниот пехар.
Мечот ќе се игра утре од 22 часот во Форталеза.



