Фудбалската репрезентација на Белгија го затвори списокот на осумте најдобри репрепзентации на светското првенство во Бразил. Избраниците на Марк Вилмотс ја победија репрезентацијата на САД со 2-1 по дополнителните 30 минути.
Во регуларниот дел од натпреварот 90 минути натпреварот заврши 0-0. Белгија беше репрезентацијата која ја имаше иницијативата и шансите на овој натпревар. Уште од самиот почеток створи неколку чисти шанси за гол, но не беа најснаодливи во завршницата. Најдобар играч иако неговата репрезентација загуби и си оди дома беше голманот Тим Хауард кој иако има 35 години докажа дека се работи за фантастичен чувар на мрежата. Тој успеа да скроти дури 25 удари на белгијците и е најзаслужен што неговата репрезентација не доживеа дебакл.
Шансите за победникот се нижеја од минута во минута. Азар, Фелаини, Мертенс, Миралас, Ориги, Де Брујин, Лукаку се најдоа очи во очи со Хауард, но тој секогаш излегуваше како победник.
Конечно во третата минута од првото продолжение на голема грешка на одбраната на САД Белгија поведе со 1-0 со голот на Де Брујин. По примениот гол американците тргнаа на се или ништо. Тоа остави голема дупка во одбраната и брзиот Де Брујин успеа да истрча брза контра и да го запосли нововлезениот Лукаку на кого не му беше лесно по втор пат да го натера Хауард да капитулира.
Сепак шанса за да се вратат во натпреварот и да се изборат за пенали им донесе Грин кој го совлада голманот „ѓаволите“ Тибо Куртоа кој немаше сериозна интервенција во текот на целиот натпревар. Во финишот САД изведе одлична акција по слободен удар, но Куртоа влезе во шутот на Демпси и одбрани сигурен гол и заслужено се радуваше со своите соиграчи за пласманот во четвртфиналето каде ќе се сретнат со Аргентина.