Париз, Лион, Марсеј…. жешка беше прославата во дел од француските градови на историскиот успех на Алжир и пласманот на „пустинските лисици“ во осминафиналето на мундијалот во Бразил.
Алжирците ја сочинуваат најголемата популација на имигранти во Франција, според пописот ги има околу еден милион, а вчера бучно и со доста инциденти го славеа успехот на избраниците на Вахид Халилхоџиќ. Алжир ремизираше со Русија во последното коло од групата Х и како второпласирана селекција се најде во нокаут-фазата, првпат во својата историја.
Алжирците ги окупираа улиците на Париз, Лион и Марсеј, па мораше да интервенира и француската полиција со солзавец. Во осминафиналето „пустинските лисици“ ќе ги одмерат силите со Германија.


