Бројот 13 и не е толку баксузен на мундијалот во Бразил, а фудбалерите што го имаат дресот со оваа бројка во првата фаза по групи постигнаа вкупно 13 погодоци. Тринаесетка за тринаесет гола и трето место на вкупната листа на стрелци. Пред „баксузните“ се само фудбалерите од сите репрезентации заедно што на грбот ја имаат десетката со 22 гола и играчите што го носат дресот со број 9 со 17 погодоци.
Водечкото трио Милер, Меси и Нејмар имаат на контото по 4 гола, колку што вкупно имаше и автоголови во првата фаза. Интересен податок е што досега на листата на стрелците, а вкупно се постигнати 136 погодоци, застапени се сите броеви на дресовите, освен „единицата“. Таа е резервирана за голманите, а досега само уште тоа недостасува на мундијалот, некој од чуварите на мрежата да се запише во листата на стрелците.
Најефикасно од осумтте групи беше во групата Б каде што Холандија, Чиле Шпанија и Австралија заедно постигнаа 22 гола. Најмалку веројатно и очекувано имаше во таканаречената група на смртта, во конкуренција на Костарика, Уругвај, Италија и Англија, само 12 погодоци.

