Светската куќа на фудбалот, ФИФА, продолжува со чудните одлуки и однесување, а предизвика гнев кај домаќините на СП, Бразилците, со најава дека ќе го казни Нејмар поради рекламирање долна облека. Ненамерно, при размена на дресот со противнички играч му паднаа шорцевите надолу, при што се гледаше марката на гаќи што ги носи на себе. ФИФА веднаш реагираше со образложение дека е недозволено да се рекламираат компании кои не се на списокот на комитенти за мундијалот.
Бразилците се гневни и се чудат на експедитивноста на ФИФА, која најавува експресна казна за Нејмар, а сѐ уште калкулира со казнувањето на Луис Суарез. Уругвајскиот напаѓач го гризна Џорџо Кјелини на мечот со Италија, но сѐ уште не е казнет, иако е покрената истрага за случајот.


