среда, 25 декември 2024 | Вести: 0

Чао Италија, испадна и Англија, Костарика и Уругвај ја минаа групата на „смртта“

Уругвај го доби дербито со Италија во последната рунда од групата Д, или како што ја нарекоа фудбалските експерти групата на „смртта“ и се пласира понатаму, заедно со сензацијата Костарика, која ремизираше во третото коло со Англија без голови.

Стоперот Диего Годин ги крена на нозе Уругвајците во Натал, со победоносен гол за популарните Уруси во 81. минута. Играчот на Атлетико Мадрид беше највисок во шеснаесетникот на Италија и со прецизен удар со глава му донесе на двојниот шампион голема победа. Дома си оди Италија, втората најтрофејна нација со 4 триумфи на Светските првенства, но „аѕурите“ не издржаа докрај. Тие играа со фудбалер помалку од 53. минута кога беше исклучен Маркизио.

Аѕурите фрлија се на една карта, да го одбранат својот гол, но Годин им ги разби надежите за пласман во осминафиналето. Противник на Уругвај во нокаут фазата ќе биде Колумбија, а првопласираната Костарика допрва треба да го добие својот противник во осминафиналето. Брегот на Слонова Коска, Јапонија и Грција имаат шанса за втората позиција во групата, а разврската следи од 22 часот.

Најголемо разочарување во Д групата е Англија, која испадна со само еден освоен бод. Денеска „Гордиот Албион“ одигра реми без голови со Костарика, селекција која блескаше во првата фаза и со 7 бода го освои првото место. Популарните „Лос Тикос“ ги надиграа и победија и Уругвај и Италија и сосема заслужено како првопласирани патуваат во осминафиналето.

Top