четврток, 26 декември 2024 | Вести: 0

Модриќ: Огромен неуспех за оваа генерација на Хрватска

Лука Модриќ не беше на препознатливо ниво во клучниот дуел на Хрватска против Мексико, а неговата генерација соиграчи од моќни клубови како Реал, Барселона, Баерн не успеа да го потврди докрај квалитетот и да го разбие проклетството од порази во одлучувачките мечеви на големите натпреварувања.

Вчеравечер „коцкестите“ загубија уверливо и сосема заслужено од расположениот состав на Мексико и се простија од настапот на мундијалот во Бразил, по првата фаза по групи.

– Ова е голем несупех за нашата генерација. Очекувавме многу повеќе, секако барем сигурен пласман во осминафиналето, но, за жал, потфрливме. Сѐ уште сметам дека сме подобри од Мексико, но тоа требаше да го докажеме на терен. Добро е што Хрватска има таленти и не се плашам за иднината на нашата репрезентација – изјави Модриќ.

Моторот на играта на Реал Мадрид и еден од најзаслужните за триумфот на „кралевите“ во Лигата на шампионите не успеа да ја покрене хрватската машинерија во Бразил. А, за квалитетот на „коцкестите“ говорат имињата на клубовите во кои настапуваат дел од играчите. Манџукиќ блескаше во Баерн Минхен, Ракитиќ е нова аквизиција на Барселона, Ковачиќ игра во Интер, Срна во Шахтар, па очекувано Хрватите беа прогласени за фаворити за пат во осминафиналето заедно со Бразил. Но, Мексико беше подобар и во директен дуел потврди дека во моментов е подобар од Хрватска.

Top