
Пред неколку години по повод на тогаш актуелното Светско првенство во фудбал, напишав колумна на која тогаш и дадов наслов „Празник на фудбалот и милитаристичкиот дух“, но уредникот, инаку сосема добродушно лице, сега во заслужена пензија, насловот го скуси во „Празник на фудбалот“.
Тоа – „и на милитаристичкиот дух“ веројатно му се причинило прерадикално за тоа време на еуфорија, занес, општо воодушевување, кога најважната споредна работа на светот станува единствена важна работа на светот и кога несклоноста кон фудбалот во најмала рака се толкуваше како антипатриотски и против хуман чин.
Моите ставови за фудбалот од тогаш не се променија. И понатаму сметам дека на фудбалот му се придава преголемо внимание и околу фудбалот се врти преголем капитал. Фудбалерите никако, дури и кога секој од нив би бил како Пеле, не заслужуваат толкави милиони, посебно во време кога нивната годишна заработка повеќе не може да се споредува ни со нашите плати за цел живот; а да не заборавиме дека уште потешки милиони вртат тие кои на фудбалските тимови им плаќаат толкави милиони.
Фудбалските натпревари, а посебно Светското фудбалско првенство, навистина се празници за милиони сиромашни во светот, кои во целосно ирационална состојба на духот, гледаат во живо или на екраните, како богаташите шутираат надувано тркалезно парче кожа по зелениот тревник. Убавината на спортот одамна исчезна од врвните фудбалски натпревари, радоста за учеството одамна е заменета со императивот победа, а навивачката страст ги опседна дури и тие на кои објективното гледање на работите треба да им биде професионална обврска, на пример на телевизиските коментатори.
Кога фудбалот е на тапет, се друго паѓа во втор план; и Владата и сменетите министри и дефицитите и стопанската катастрофа, дури и санирањето на последиците од поплавите, а за настаните далеку од очи и да не зборуваме. Веројатно не ви е баш во фокусот тоа што овие денови се случува во Украина и во Ирак, социјалните проблеми на Бразилците и нивните до вчера секојдневни демонстрации, исто така нагло отидоа во втор план, но сигурно сте ја запазиле фото-веста за Ружица Томшиќ која во бриселските клупи се појави во дресот на хрватската фудбалска репрезентација.
Што сакаше да постигне со тоа, не е многу јасно на прв поглед, освен што во овој еуфоричен момент сигурно стекна симпатии можеби дури и од тие на кои претходно нејзините зборови, ставови и дела, во најмала рака им биле чудни, ако не и неприфатливи. Сосем е поинаков ставот на нашето граѓанство за патувањето на Милановиќ во Бразил, за кое и самиот беше свесен, па побрза да објави дека сите ние ќе му го платиме само патот до таму, а домаќините ќе го сместат и нахранат на свој трошок.
Атмосферата создадена околу тоа негово патување социолошки не погодува, бидејќи се чини дека хрватскиот претставник сакаше да порача дека најголемата светска фудбалска фиеста, треба да остане во неговиот емоционален посед и дека во тоа привремено блаженство не треба да ги меша тие кои му го згорчуваат животот во секојдневието, со самото свое постоење и неуспешно работење и мисиите за кои се избрани и платени.
Во време на фудбалската еуфорија тешко можеме да се засолниме, да најдеме некое место кое нема да биде заразено од фудбалскиот ирационализам, но во текот на секој следен четиригодишен период, се забележува како се повеќе луѓе ја декларираат својата одбојност и згрозување или барем незаинтересираност и рамнодушност кон фудбалот.
Кон фудбалот генерално, а кон Светското фудбалско првенство посебно, посебно кон психолошката состојба на тоа еуфорично мнозинство на нашите сограѓани и сонародници кои со бучна и хистерична поддршка кон националната репрезентација, заборавајќи на сите претходни меѓусебни разлики, еднодушно ги претопува сите свои животни, економски, социјални, политички и егзистенцијални разочарувања во очекување дека таа наша т.н. бригада во таа фудбалска војна, во која е испратена да извојува победа, како да се работи за некој фронт во некоја војна.
Само што во таа војна не се загинува, туку единствен ризик кој тие воини го преземаат на себе е дали ќе заработат повеќе или помалку милиони, бидејќи дури и ако ги изгубат сите натпревари, нивните загарантирани милиони далеку ќе надминат се што ние некогаш ќе го заработиме за целиот свој живот.
Исклучителноста и успехот во фудбалот постоеле од секогаш и никогаш тоа не престана да биде детски сон, но во денешницата, остварувањето на тој сон е речиси еднакво на успесите на некои други подрачја на животот, на пример во крупен бизнис или во политиката. Зад квалитетниот фудбалер стојат илјадници часови напорна работа, тренинзи, откажувања, физички напор, но успешен фудбалер е дел од предимензионираната индустрија која е директен одраз на институционализираната општествена неправда кон можеби еден добар научник еднакво квалитетен и со еднакви напори, или уметник, писател, инжинер, па и спортист кој одбрал некоја друга помалку гламурозна и многу помалку платена дисциплина.
Таа несразмерност е основна причина за одиозноста на големото малцинство на човештвото наспроти фудбалот и сите негови следствени појави.
Глас Истре – Пула

