Темпераментниот селектор на Бразил Луис Фелипе Сколари познат по испадите во јавноста не бираше зборови за да го нападне селекторот на Холандија Луј Ван Гал.
Селекторот на „лалињата“ во неделата изнесе неколку факти кои го ставаат Бразил во повластена ситуација.
Бразил во третото коло од групата А се среќава со Камерун четири саата по натпреварите од групата Б со која ќе ги вкрстат копјата во осминафиналето. Со тоа домаќинот на светското првенство ќе ги знае противниците со кои може да вкрсти во следната фаза.
На овие констатации од Ван Гал, бразилецот не бираше зборови како да го нападне својот колега.
– Некои луѓе изјавуваат дека Бразил ќе бира со кого да игра во осминафиналето. Таквите луѓе кои така коментираат се или глупи или злонамерни. Повторувам, глупи и злонамерни. Ние ќе играме за да се квалификуваме во следната рунда, а не да бираме противниците за осминафиналето. ФИФА ги одредуваше термините за одигрување на натпреварите. Луѓето кои ги потенцираат тие теми зборуваат глупости – луто изјави Сколари во пресрет на третото коло од групата А.

