Португалија имаше еден ден повеќе за одмор од нас, ние игравме во Манаус, тие таму каде што се патува помалку. Сѐ е наместено за да поминат натаму поголемите тимови, вели селекторот на САД.
Јирген Клинсман беше бесен по синоќешното реми на својот тим со Португалија. Американците од триумф и пласман во осминафиналето ги делеа десетина секунди, но Варела во петтата минута од судиското надополнување постигна гол и ја остави Португалија во трка за следната фаза.
Американците одлично ги одиграа двата натпревара од мундијалот, но доколку сакаат во осминафиналето, ќе мора да слават против Германија.
– Тоа ќе биде уште еден меч за живот или за смрт. Но, тоа е Светското првенство. Мораш да му покажеш на светот дека си најдобар. Не ја добивме Португалија, но сега мораме да ја добиеме Германија – изјави Клинсман.