Најважната споредна работа на светот е на прагот на најголемиот турнир кој ќе се одржи во земјата која е нејзин духовен дом. Меѓутоа, реалноста на улиците во Бразил е далеку поразлична од таа што ја претставуваат. Незавршени стадиони, недоградени патишта и аеродроми, а десетина илјади странски новинари би доцнеле со крајните рокови поради слабиот интернет и слабата мрежа на мобилните телефони.
Уште поопасен е подемот на бурата од незадоволство, која се заканува дека ќе ги претвори улиците во воени зони. Светското првенство во Бразил би можело да биде запишано во историјата како кобна точка, а средствата нема да бидат доволни за да ја оправдаат целта. „Нема да има Светско првенство“ (Nao Vai Ter Copa) стана национален извик. Луѓето сакаат леб, не циркуси. Тие ја сакаат играта, но го мразат настанот. ФИФА, која е управниот орган на првенството, воопшто не е фасцинирана од тоа.
Настаните како Светско првенство и Олимписки игри станаа неразумно скапи, со минимални придобивки за граѓаните, кои, всушност, трпат удари за малкумина да уживаат. На народот од најголемата држава во Јужна Америка му беше ветена нова ера, која ќе биде исполнета со просперитет. Во земја со подмолна корупција на сите нивоа и со вирус кој ги задушува дури и најмалите изгледи за напредок, народот гледа тули, челик и малтер, а не нови болници, училишта и јавен превоз. Дури и стадионот „Итакерао“, на пример, нема да биде завршен за големото отворање на првенството во Сао Пауло на 12 јуни.
„Ова го добивме за 11 милијарди долари?“, прашува народот, а прашањето е наместо.
Тоа резултираше со појава на нов вид демократија: обединување на мислите и на изразувањето, што не е својствено за Бразилците. Граѓански здруженија со називи како „Урбани права“ (Direitos Urbanos) и „Движењето на безимотните работници“ (MTST) се основани како опција за луѓето кои беа принудени да направат простор за ред и напредок – државното мото на Бразил кое е испишано на знамето.
Очекувајте го неочекуваното
Очекувајте го неочекуваното: овој совет го добија бразилските власти во пресрет на Светското првенство во фудбал од стручњаците за безбедност. Мундијалот, кој се одржува од 12 јуни до 13 јули, со себе носи опасност од тероризам, хулиганство, насилни протести и грабежи. Се очекува во Бразил да пристигнат 600.000 странски навивачи, кои создаваат дополнителни грижи за задолжените за безбедноста. Првиот и, можеби, најважен проблем е опасноста од тероризам. Светското првенство во минатото не беше цел на терористички напади, но Олимписките игри во Атланта 1996 година и во Минхен 1972 година покажаа дека големите спортски настани се чувствителни на овие закани.
Странските посетители, исто така, ќе имаат потреба од заштита од грабежи што се широко распространети и претставуваат секојдневие низ бразилските градови, а за да се фрли дамка врз целото првенство доволно е да се случи само еден голем криминален чин. Безбедносните служби веќе се во очекување на повторување на ланските протести што се одржуваа за време на Купот на конфедерациите, но овој пат тие, најверојатно, ќе бидат на многу повисоко ниво и многу позасрамувачки за организаторите. На ова може да се додадат и насилните судири што се случуваат во последните месеци меѓу полицијата и бандите во фавелите, а бразилската полиција и армија ќе треба да покажат комплетна воздржаност. Очите на светот ќе бидат насочени кон нив барајќи докази за прекумерни реакции и бруталност. На крај, таканаречената „англиска болест“ – хулиганството е многу реална закана, но овој пат не се очекува Англија да биде поврзана со ваквите настани. Стручњаците очекуваат организирани банди хулигани од Аргентина да отпатуваат во Бразил каде што ќе се судрат со локалните навивачи. Има предупредувања и дека аргентински банди ќе напаѓаат навивачи на англиската репрезентација во знак на одмазда поради спорот меѓу двете земји околу Фолкландските Острови. Бразилските власти соопштија дека за обезбедување на мундијалот ќе ангажираат меѓу 100.000 и 170.000 полицајци, кои ќе бидат распоредени во 12 градови, а на располагање ќе има и специјални воени единици. Во планирањето на безбедносниот штит од евентуални терористички напади длабоко се вклучени и САД преку ФБИ и ЦИА. Во близина на секој стадион ќе има распоредено антитерористички единици, а на небото постојано ќе патролираат две беспилотни летала.
Дејв Зирин, новинар од САД, во неговата најнова книга „Бразилскиот танц со ѓаволот: Светското првенство, Олимписките игри и бразилската борба за демократија“, вели дека раселувањето, долгот и одбраната се срцевината на незадоволството и на гневот.
– Целта на повиците за протести е да ги откријат страдањата и да му покажат на светот кој ги држи конците зад кулисите – вели Зирин.
Постои софистициран план: како што плановите на Владата на Бразил за Светското првенство се скроени за меѓународна потрошувачка, така постои и нов фокус на светското внимание.
– Има видливи и невидливи диктатори. Структурата на моќ во светскиот фудбал е монархиска. Тоа е најтајното кралство на светот. Целта на протестантите е да ја извлечат ФИФА од сенката и да ја обелоденат. Доколку успеат во тоа, ќе остават наследство кое ќе живее многу подолго од самиот спектакл – напиша прочуениот новинар Едуардо Галеано.
За време на конгресното сослушување на Комисијата за туризам и спорт на Бразил оваа година е цитиран Ромарио, поранешниот фудбалер на годината според ФИФА и победник на Светското првенство во 1994 година, а кој е познат политичар и член на Бразилската комора на заменици, а тој вели: „Не можеме да очекуваме ништо од ФИФА бидејќи таму има уценувач наречен Валке и корумпиран крадец и кучкин син наречен Блатер“.
Новинарката Ана Лира доаѓа од североисточно град Рецифе и е една од основачите на „Урбани права“. Таа го има документирано уривањето и палењето сиромашни соседства во неславните фавели, гето-населби што постојат на ридовите околу Рио и низ улиците на Сао Пауло.
– Во протестите досега загинаа 27 лица, а повеќе од 300 се ранети од минатата година наваму. Тука се вбројуваат и два професионални фотографи и еден новинар, кој остана слеп откако полицијата намерно го погоди в око со гумен куршум. Други професионалци беа погодени или уапсени во близина на протестите само затоа што полицијата сакаше некој да плати за протестите – вели Лира.
Околу 3.000 Бразилци-домородци неделава протестираа во традиционална племенска облека пред новиот стадион во главниот град Бразилија.
– За кого работи нашата влада? Наместо да го застапува сојузниот Устав и еднаш засекогаш да ја заврши демаркацијата на домородното земјиште, Владата инвестира милијарди во настан што ќе трае еден месец ставајќи го бизнисот пред правата на нивните прадедовци – вели Линдомар Терена, еден од водачите на домородците.
Нов закон за антитероризам набрзина беше протуркан во бразилскиот Конгрес за да се справи со демонстрантите. Именуван е како Закон А1-5, следбеник на актот АИ-5 од 1968 година, кој веќе повеќе од 20 години ѝ овозможува исклучително големи права на воената хунта и укинува клучни граѓански и уставни слободи. Спроведувањето таков закон отвори стари рани. Бразилската претседателка Дилма Русеф беше член на марксистичка револуционерна група по воениот удар во 1964 година во Бразил. Таа беше заробувана и измачувана, помина 2 години во затвор. Тоа е многу важна приказна за Бразилците. Нејзината согласност со дозволата да продолжи Светското првенство по цена на сиромашните Бразилци се смета за предавство на сиромашните на сметка на богаташите.
Повеќе од 170.000 безбедносни сили се назначени за Светското првенство во фудбал, не за да ги заштитат илјадниците туристи што ќе дојдат во Бразил да ги гледаат натпреварите, туку за да смируваат расправии. Меѓу нив има и група од 40 агенти на ФБИ, коишто се дел од антитерористичката единица. Француската полиција за спречување безредија минатиот јануари била донесена за да ги обучува бразилските колеги. Вклучени се и неколку израелски беспилотни летала, како тие што се користат за бркање на осомничените во Западниот Брег, како и 50 роботски единици за откривање експлозив, кои американските сили неодамна ги користеа во Авганистан. Исто така, има и очила за препознавање лица со коишто полицијата ќе може да детектира 400 лица во една секунда и да го најде нивниот идентитет во базата на податоци со 13 милиони идентитети. Но, нема да има многу туристи што ќе се интересираат кого го проверува полицијата. По цена од речиси една милијарда долари, не само што меѓународниот состав на безбедносните мерки е спорно прашање меѓу Бразилците, туку и претставува сурова иронија со оглед на задачата на ФИФА да го спои светот преку фудбалот.
– Ако на Бразил му оди добро на терен, тогаш можеби луѓето ќе бидат среќни и нема многу да протестираат. Но, ако Бразил загуби, ќе има големи проблеми и граѓански немири. Мислам дека начинот на кој ние ќе играме на Светското првенство ќе објасни многу работи што ќе се случат надвор од стадионите. Ќе има протести, тоа е сигурно. Но, ако Бразил доживее неуспех, ќе ги има во поголем размер. Ќе има и насилство – вели Боучат.
Како што знаеле римските императори дека за време на организирањето на гладијаторските игри во Колосеумот толпата морала да се смири, така знае и ФИФА сега. Се сеќаваме кога Јужна Кореја ја победи Италија на Светското првенство во 2002 година, а еквадорскиот судија подоцна призна дека зел пари од јужнокорејски службени лица. Или најсомнителното од сите: победа на Аргентина над Перу со шест гола разлика на Светското првенство во 1978 година, колку што ѝ беа потребни за да продолжи на турнирот. Шефовите на воената хунта задоволно се собраа во Буенос Аирес да го гледаат натпреварот, додека перуанскиот голман од аргентинскиот потекло имаше ужасна вечер. Корумпираност до срцевина.
ФИФА сака добро шоу, а не протести. Тие знаат дека Бразил мора да победи за луѓето да молчат. Претседателката Русеф знае дека нејзините шанси за победа на претстојните избори ќе бидат многу поголеми ако Бразил извојува шеста победа на Светското првенство.
На крај од големите шоуа, секогаш постои и финансискиот аспект за земјата каде што се одржуваат. Финансискиот директор на „Голдман сакс“, Питер Опенхајмер, вели дека аналитичарите на компанијата откриле оти, според историски факти, берзата на победничките земји ги надминува глобалните акции за 3,5 проценти во првиот месец по победата, иако надминувањето значително се намалува по третиот месец.
Бразил ќе ја победи Аргентина со 3-1 во финалето, по ликвидацијата на Германија и на Шпанија во полуфиналето, се вели во извештајот на аналитичарите од „Голдман сакс“, вклучувајќи ги и Јан Хатциус и Свен Јари Стехн. Земјата-домаќин има 48,5 проценти веројатност за победа на турнирот, Аргентина има 14,1 проценти, а Германија 11,4 проценти.
Тие се банкари, а не обложувачи.
Таквиот извештај може да го доведе умот до екстремен цинизам за тоа како и зошто има местење во игрите.
Освен во САД, каде што фудбалот е игра на средната класа, корените на фудбалот се цврсто вградени во работничката класа и во сиромашните квартови и места како Буенос Аирес, Лагос, Рио, и при неговото создавање во градовите на Британија од ерата на индустриската револуција. Квалитетот на енергијата, еланот, импровизацијата и претпријатијата што се потребни за да се преживее во такви средини создале една необјаснива страст за играта. Тоа е само фудбал, но исто така е поврзан и со ослободувањето. Поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед, Ерик Кантона, беше во Рио за потребите на неговиот седми документарен филм, кој ќе биде прикажан на првиот филмски фудбалски фестивал на „Амнести интернешнал“ во Велика Британија. Во интервју со „Амнести“ во Париз, секогаш отворениот Французин се жалеше дека бразилскиот фудбал го губи своето најголемо наследство.
– Сум бил на „Маракана“ во Рио, ја обожавав „Маракана“. Но, сега тоа е само стадион како стадионот „Емирати“ во Лондон или „Стад де Франс“. И тие велат дека тоа е револуција за нив, треба да ги научат луѓето да седат. Но, тие не сакаат да седат, тие само сакаат да стојат. Станати да пеат и да танцуваат. Тие што сакаат да пеат и да танцуваат веќе не можат да си дозволат да одат на стадион. Тоа е срамота затоа што тоа се фановите што го создадоа фудбалот и чиишто деца ќе играат фудбал – изјави Кантона.
Тоа се случува бидејќи повеќето од луѓето и повеќето од играчите доаѓаат од сиромашни средини. За да станете фудбалер, треба да тренирате секој ден кога сте деца, треба да одите на улица и да играте на улица секој ден, додава Кантона.
Како што се наближува отворањето на Светското првенство на 12 јуни, кога Бразил ќе игра против Хрватска, длабока меланхолија се проткајува низ чувствата на обожавателите на фудбалот. Тие ја сакаат оваа игра, ја сакаат таква каква што беше.
– Ја сакам нејзината драма, суптилните играчки вештини, безгрижниот ритам и додатниот вкус на спротивставени стилови. Таквите пригоди за мене се неспоредливи во светот на спорот. Чувствувам романса, чудо и мистерија, убавина и поезија. Во вакви пригоди, оваа игра има безвременски, магични својства на легенда – напиша големиот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Мет Безби.
(Извор: Daily Beast
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)