Најмалку 17 новинари што известуваат од Светското фудбалско првенство во Бразил биле жртви на напад од почетокот на шампионатот, соопшти синоќа Интерамериканската новинска асоцијација, барајќи од бразилските власти да ги истражат пријавените инциденти.
Асоцијацијата наведува дека бразилските власти мора да одговорат на насилните акти кои ги намалуваат обидите за добивање информации и извештаи во врска со демонстрациите против мундијалот, додека милиони жители на Бразил се борат со сиромаштијата.
– Осудуваме и загрижени сме од фактот што десетина новинари, додека ја извршувале својата работа, биле претепани и спречувани во задачите и тоа во повеќето случаи од безбедносните сили – изјави претседателот на Комитетот на новинската асоцијација за слобода на печатот, Клаудио Паолилјо.
Тој изрази жалење што овие агресивни акции продолжуваат и покрај усвоените мерки од страна на организациите на новинарите и официјалните соопштенија за ратификување на принципите за ненасилство врз медиумските работници.
фото: ЕПА

