Во второто коло од групата Б Холандија со 3-2 ја совлада Австралија и дојде до втората победа. Мечот го обележаа голем број на пресврти, како и новите голови на Робен и на Ван Перси, но и голот на Кејхил кој е за на телевизиска шпица.
По 20 минути игра „лалињата“ го отворија резултатот со спринтот на Робен кој ја претрча целата одбрана и биеше за 1-0. Тим Кејхил по само 30 секунди игра успеа да израмни со спектакуларен погодок. На полувремето резултатот беше нерешен.
На стартот од вториот дел Јанмат во 54. минута играше со рака во казнениот простор по што судијата покажа на белата точка. Прецизен беше капитенот на „кенгурите“ Јединак за водство од 2-1.
Навивачите на Холандија не чекаа многу, во 58. минута Робин Ван Перси го матираше немоќниот Рајан за 2-2. Во 68. минута дојде до уште еден пресврт. Мемфис Депај ја донесе повторно Холандија во водство, а со тоа го постави и конечниот резултат од 3-2.