Без голови со само неколку шанси и резултат што совршено им одговара на двете селекции, Бразил и Мексико го отворија вториот круг во фазата по групи на Светското првенство. Вечерва се одигра само вториот дуел на мундијалот досега што заврши нерешено и повторно како и на дуелот меѓу Иран и Нигерија беше 0-0.
Мексико одигра тактички одлично и не му се уплаши на моќниот состав на домаќинот. Бразил е најтрофејна фудбалска нација со 5 светски круни, но вечерва не прикажа премногу. Во финишот на првиот дел Нејмар имаше одлична шанса, но голманот на Мексико Хилјермо Очоа извонредно одбрани. Дека ќе биде централна фигура во ремито без голови, Очоа потврди и во финишот на дуелот, кога повторно со правовремена интервенција го спречи Тијаго Силва да му донесе победа на Бразил.
Двете селекции по два натпревари во А групата имаат по 4 бода, а Хрватска и Камерун кои допрва треба да играат меѓусебе се без бодови. Во третата рунда Бразил ќе игра против Камерун, а Мексико ќе и излезе на мегдан на Хрватска.