Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси денеска го критикуваше системот на игра на селекторот Алехандро Сабела и изрази надеж дека на дуелот со Иран „гаучосите“ ќе бидат поофанзивни.
Сабела на премиерниот натпревар против Босна и Херцеговина излезе со тим во формација со пет одбранбени играчи, за на полувреме да ја смени одлуката и со ставањето во игра на Гонзало Игуаин ја промени формацијата во 4-3-3.
– Нормално е како напаѓач да ја сакам формацијата со тројца офанзивци. Така има повеќе простор во напаѓачката линија. Во спротивно, ние ќе патиме. Беше многу тешко против Босна и Херцеговина затоа што јас и Агуеро моравме да се враќаме по топката. Треба да ја подобриме играта и јас верувам дека уште на следниот натпревар ќе заиграме поофанзивно. Ние сме Аргентина и мора да се фокусираме само на себе, изјави Меси.
Аргентина во неделата навечер ја победи Босна и Херцеговина со 2:1, а Меси беше стрелец на вториот гол. Следниот дуел Аргентинците го играат на 21 јуни против Иран, а групниот настап на Мундијалот го завршуваат на 25 јуни против Нигерија.
Фото: ЕПА