Тој е фоторепортер што ги овековечил сите најважни настани што се случиле во независна Македонија бидејќи почетокот на неговата кариера се совпаѓа со формирањето на првата Влада во независна Македонија, првиот состав на Собранието, прогласувањето на Уставот, првото кревање на македонското знаме на јарбол, заминувањето на војската на ЈНА од Македонија…
Ѓорги Личовски, уредникот на фотографија во неделникот „Република“, заминува на најпосакуваниот и најгледан настан на светот, кој ќе нè преокупира во следните 30 дена, Светското првенство (СП) во фудбал, кое од 12 јуни до 13 јули ќе се одржи во Бразил. Тој ќе биде дел од тимот на германската Европска прес-агенција (ЕПА). Личовски ќе биде сместен во Форталеза, во североисточниот дел на Бразил, каде што ќе ги фотографира средбите во првата фаза, потоа од осминафиналето и од четврт-финалето.
Ова ќе биде трет фудбалски мундијал на кој ќе работи Личовски, по тие во Германија во 2006 година и во Јужна Африка во 2010 година. Искусен е Личовски, во своите раце има и европски првенства во фудбал, Куп на конфедерации, европски и светски првенства во ракомет, кошарка, ама секое заминување на голем настан носи и голема возбуда. Го пропатувал светот, но првпат ќе оди во Јужна Америка и тоа кај него предизвикува и радост, но и мала скепса. Но, СП во фудбал најдобро се продава во светот на медиумите. И војната, за жал.
Долго време се договаравме за овој разговор. Знаев дека и други колеги ќе го побараат за интервју бидејќи сите сакаат да слушаат за неговите искуства, за неговите патувања, а Личовски станува посебно интересен кога се наближува голем спортски настан, каков што е овој во Бразил. Но, јас сакав да чујам и за неговото искуство како фоторепортер што ги овековечил сите најважни настани што се случиле во независна Македонија бидејќи почетокот на неговата кариера се совпаѓа со формирањето на првата Влада во независна Македонија, првиот состав на Собранието, прогласувањето на Уставот, првото кревање на македонското знаме на јарбол, заминувањето на војската на ЈНА од Македонија…
– Многу сум благодарен на „Република“, која има големо разбирање за моите отсуства од работа кога сум на терен во странство. Среќен сум што работам во редакција во која се цени мојот труд и, навистина, сум благодарен за тоа – вели Личовски.
Го познавам Личовски повеќе од десет години и мислам дека никогаш не сум го видела без фотоапарат. Дури и кога е на одмор. Фотоапаратите му се во багажник, во автомобил, дури и кога оди на риба во Трпеица, со другите фотографи, каде што оди да ужива и да се дружи. Привилегија е да влезеш во тоа друштво на фоторепортери, да седиш со нив на маса и да ги слушаш нивните приказни за конфликтот во Македонија во 2001 година, за косовската криза, за војната во Босна и Херцеговина, за гафовите од изборите за најубава Македонка, за згоди и незгоди од секакви настани.
Професионалната кариера Личовски ја почна во 1989 година, кога почна да работи за „Нова Македонија“. Потоа во 2000 година продолжи во „Вест“, каде што учествуваше во неговото создавање, а потоа дојде епизодата со „Вечер“. Од 2013 година е во неделникот „Република“. Фотографира сѐ – од спорт, преку политика, естрада, театар. Ама спортот го сака најмногу.
– Болен сум по спорт. Мене денот ми почнуваше со „Спорт“ и со „Темпо“ и сосема случајно почнав да ја работам оваа работа. Почнав да фотографирам за белградски „Спорт“ и фотографирав цела 1987 година, без хонорар. Работев ентузијастички затоа што го сакав тоа. Во 1989 година почнав да работам во дневниот весник „Нова Македонија“ и фотографирав сѐ, ама спортот ми беше приоритет. Го грабнав со двете раце. Го имам првиот гол на Зоран Бошковски во Словенија – ја почнува својата приказна Личовски.
Десетина година тој е фоторепортер на ЕПА и бил на три фудбалски СП и ЕП и знае да каже дека СП во фудбал е настан од кој фотографиите се најпродавани.
– Освен војна, ништо друго не се продава толку добро колку фудбалски мундијал. Најискусните, најдобри фотографи се праќаат да фотографираат спорт. Финале на фудбалски мундијал е врвот. Нема ништо поголемо во спортот. Не зборувам за НХЛ или за НБА. Во НБА има седум натпревари, а ова е еден меч. Другиот ден точно се гледа кој направил добра фотографија. Сѐ е тимска работа. На ЕП во Австрија и во Швајцарија во 2008 година имав десет беспрекорни натпревари, ама во финалето во Виена, меѓу Шпанија и Германија, не. Сѐ беше добро, ама на фотографијата кога Фернандо Торес го постигнува победоносниот гол недостигаше половина глава. До финалето имав преку 30 насловни страници, ама тоа никој не го памети, сите паметеа дека погрешив на финалето! Еве го тој што му ја скина главата на Торес! Ќе се убиев, се јадев однатре, ми се урна цел свет, ама тоа е – раскажува Личовски.
За добра фотографија е потребно големо искуство.
– Во фудбал поминува фотографија во која има многу емоција. Колку што повеќе емоција има, толку е подобра. Гол да, секако, ама радување или тага поминуваат многу подобро. Кога имаш емоција на фотографијата, добиваш половина страница, насловна страница, две споени страници. За фотографирање фудбал треба многу искуство и рутина. Луѓето што фотографираат фудбал на мундијалите имаат многу натпревари в раце – вели Личовски, кој во ЕПА важи за фотограф број еден за кошарка и за ракомет.
За да бидеш конкурентен во оваа професија, апсолутно мора да ја следиш технологијата и да ја имаш најновата опрема.
– На големи спортски настани не можеш да одиш ако не си компатибилен со опремата на другите фотографи. Излегуваат нови, модерни фотоапарати, побрзи, и ако сакаш да си конкурентен, мора да ја следиш технологијата. За овие 20 години има неверојатен технолошки развој во опремата, каков што не се памети во последните два века. На почетокот од кариерата фотографиравме на црно-бел филм, развивавме фотографии, сега правиме директен пренос од натпревар. Јас фотографирам, имам кабел во апаратот, кој ми е вклучен и фотографиите директно одат во централата од каде што за 30 секунди се во мрежа. Тоа е речиси директен пренос на натпревар. Треба да ја следиш и да ја учиш технологијата – вели Личовски.
Професијата ја учел од најдобрите фоторепортери во времето кога ја почнувал кариерата.
– На бардот на македонското фоторепортерство Живко Јаневски му должам сѐ. Поради него сум фоторепортер и поради него сум ова што сум денес. Освен за фотографијата, тој ме учеше и за многу работи во животот и бескрајно сум му благодарен – вели Личовски.
ЕПА е фотоагенција, чиешто седиште е во Франкфурт. Тоа е фирма во која акционери се сите национални агенции на земјите на ЕУ.
– Јас сум во ЕПА од 1991 година. Таа година ЈНА си одеше од Македонија. Тогаш дојде еден фотограф од агенцијата „Франс прес“, кој побара фотографии од настанот. Ми купи две-три и следниот ден ме зеде со себе. Работев како што работеше тој, фотографирав преку неговото рамо. На крај на денот ми рече: оди, направи фотографии, ќе направам и јас и донеси ги во хотелот. Отидов и развив 35 фотографии. Тој направил три. Кога ги видов неговите, сите мои ги искинав. А фотографиравме од исто место, исти моменти. Тој ден научив за фотографијата повеќе од сѐ што знаев претходно – вели Личовски за својот почеток во ЕПА.
Неговата интернационална кариера почнува во 2001 година, од кога е дел од тимот на ЕПА што фотографира на кошаркарското ЕП во Турција во 2001 година. Тогаш ЕПА првпат победила во плејрапрот во трка со другите агенции – АП, „Франс-прес“, (плејрапорт е извештај за тоа кои весници чии слики од агенциите користеле).
– Ова е прекрасна работа, но си има лице и опачина. Фотогалеријата те бара цел. Ако сакаш да правиш кариера, тешко е да имаш семејство. Јас одбрав да имам семејство. Имав понуди да одам во Пекинг, Најроби, Каиро, ама децата тогаш ми беа мали и одбрав да останам дома бидејќи семејството ми е многу важно. Многу фотографи немаат семејство. Или го имале, ама го загубиле поради работата. Ако сакаш да бидеш голем фотограф, треба многу да патуваш. Ова е убава работа, ама има и лоши страни. Знае да биде ужасно тешка. Посебно физички напорна. Некој ќе си рече, еј па тоа е само фотографирање еден или повеќе натпревари. Кога одиш на голем настан тоа не е одмор, туку работиш како скот. На пример, во Лисабон, бевме сместени 320 километри од градот каде што се играа натпреварите. Тоа значи станување рано, патување со автомобил неколку часа, па доаѓање на стадион неколку часа пред почетокот, па местење, да се фати убаво место, па потоа е натпреварот, праќање фотографии, па потоа пак пакување, во автомобил, возење назад и утре пак истото – вели Личовски.
Иако го прошетал половина свет, видел сѐ и сешто, и војни и убиства, но и преубави места и градови, меѓу Трпеица и Копакабана ја одбира рибата кај Живко и Климе во ресторан „Рибар“.
– Ако треба да изберам меѓу Трпеица, и рибата кај Живко и Климе во ресторан „Рибар“, и некое друго место во светот, секогаш ќе ја изберам Трпеица. Таму се чувствувам како дома. Ние не знаеме да ја цениме Македонија и нејзините убавини. Сум бил на многу места на светот, сум видел сѐ и сешто, сум видел и многу поубави места од Македонија, но има земји во кои е многу страшно, каде што се чувствуваш небезбедно. Во 1993 година бев во Босна и Херцеговина, ја работев целата косовска криза, постојано бев таму, известувањето за конфликтот во Македонија дури ми беше најлесно бидејќи бев на свој терен. Но, по посетата на сите тие места, многу повеќе ја ценам Македонија и ја сакам уште повеќе. Во Македонија се чувствувам безбедно. Природата на работата е таква што мора да одиме на многу небезбедни места – резонира Личовски.
Некој ќе рече дека ја има најубавата професија на цел свет. Ги гледа одблизу сите познати спортисти, фудбалери, го фотографирал и Михаел Шумахер, дел е од сите важни светски настани, сведок на историјата.
– Кога работам, целосно се исклучувам и работам без никакви емоции. Само така може да направам добра фотографија. Нема емоции дали е наш или туѓ спортист, за време на натпревар не сум навивач. Потребна е целосна концентрација, умот треба да е празен, неоптоварен со ништо и да се фокусираш на играта. Некогаш се случува да ја утнеш приказната. Во 2006 година, на финалето на СП во Германија, на заедничкиот состанок со сите фотографи на ЕПА, предложив еден од нас да го фотографира само Зинедин Зидан. Шефот одби. Зидан тогаш „му удри глава“ на Марко Матераци. Никој од нас го немаше тој момент. Го имавме црвениот картон – се присетува Личовски.
Иако има 25 години стаж како фоторепортер, признава дека и по толку многу години уште има трема.
– Пред натпревар почнува да ми игра ногата, не можам да ја контролирам. Но, како што поминуваат годините имам сѐ помалку трема. Во Украина на финалето, по три минути од мечот ми се скрши столчето на кое седев. Едноставно, пропаднав. А, само што го оперирав грбот. Тоа се тешки моменти. Но, сѐ си има своја убавина и да следиш натпревар на СП пред телевизор со друштво и со пиво и да го работиш тоа. Како што врват годините треба да се преземе одговорност. Ова е работа за луѓе во полна снага, а секој натпревар е докажување – вели Личовски.
Кога зборува за најдрага фотографија, тука нема двоумење.
– Без конкуренција, финалето во Јужна Африка ми е најдрага фотографија. Тогаш имав многу среќа. Бев на многу лошо место, а ми се намести голот на Иниеста. Цело првенството имав добри фотографии во континуитет. Но, тоа СП ќе го запаметам по студот. На полувреме ми откажуваа прстите од студ. Таму стадионите се вкопани во земја, и студеше како да е минус десет степени. Кога ќе дојдеш, со полна опрема, мора да се спуштиш 45 скали, а потоа треба да се качиш за да излезеш.
Што те остава без зборови, го прашувам Личовски.
– Мразам кога фотографите манипулираат, а тие го знаат тоа. Знаат да манипулираат со ситуацијата и да покажат нешто што суштински не постои. Знаат да исценираат нешто што не постои и да направат фама од тоа. Треба да се направи процена на ситуација и каква повратна реакција може да има тоа. Треба да се гледа широката слика. Треба да се мисли како да се претстави својата земја надвор. Имаме одговорност кон луѓето што ги фотографираме. Поради мои фотографии, луѓе биле приведени, отишле во затвор, загубиле работа. Со годините доаѓа и свеста каков треба да ти биде односот. Фотографијата може да лаже. Да, вреди милион зборови, но може и да изманипулира. Порано фотографирав, па мислев, сега мислам, па правам фотографија. Животот така ме научи. Генерално, новинарската фотографија трае еден ден. Што е ползата сите светски медиуми да објават твоја фотографија, ако си уништил нечиј живот? Треба да се прашаш дали вреди. Не размислував вака кога бев млад – признава Личовски.
Тој ја имал можноста, но и среќата да биде сведок и со својот фотоапарат да овековечи сѐ што е прво во независна Македонија.
– Ја имав ретката можност да фотографирам сѐ што е прво во независна Македонија. Дигањето на првото македонско знаме на јарбол, предавање на првата македонска караула, тоа се фотографии за историјата. Од една страна построени македонските војници, а од друга југословенските… Ги имам на фотографија првите пратеници, прогласувањето на Уставот, во Собранието го фотографирав качен на маса, го имам првиот состав на Владата, сите важни настани, сите први натпревари во ракомет, кошарка, одбојка, Кометал ЃП кога станаа европски шампионки, првиот гол на фудбалерот Зоран Бошковски, преземањето на касарните, првиот состанок на офицерите на АРМ, мои се фотографиите како ЈНА си оди од Македонија – се присетува Личовски.
Признава дека ова не е исплатлива професија во која има работно време.
– Време ми е да направам монографија. Тоа планирам да го сторам за 25 години од независноста на Македонија и во неа ќе ги има сите важни фотографии – ја завршува Личовски својата приказна.
Разговараше: Александра М. Бундалевска