Селекторот на француската фудбалска репрезентација, Дидие Дешамп, го прекинал тренингот во пресрет на вечерашниот натпревар со Хондурас, прв за „триколорите“ на Светското првенство во Бразил. Французите воочиле дека вежбите и тактиката им ги „снимаат“ со беспилотно летало, па затоа веднаш го прекинале тренингот на стадионот Ботафого, пренсува Екипа.
-Беспилотно летало ни го надлетува кампот, веднаш го прекинавме тренингот. Некој сака да не шпиунира, а за тоа веќе ја известивме ФИФА, која отвори истрага за случајот, изјави Дешамп на прес – конференција во пресрет на дуелот со Хондурас.
На средбата на Дешамп со новинарите имало и новинарски екипи од Хондурас, кои сакале да ја одбранат честа на својата земја.
-Тоа сигурно не сме биле ние, истакнал гласно еден од новинарите од Хондурас.
Но, возвратил и Дешамп, на свој начин.
-Не бевте вие?! Добро, ние ионака не работевме ништо специјално на тој тренинг, заврши селекторот на француската фудбалска репрезентација.

