Извонредниот Нејмар и подарокот од судијата Јуичи Нишимура беа доволни за премиерна победа на домаќинот Бразил против Хрватска со 3-1 во првиот меч на Светското фудбалско првенство.
Нејмар на двапати беше прецизен, а одигра извонреден меч за „кариоките“ кои се намачија против Хрватска во Сао Паоло во стартниот дуел на мундијалот.
Клучниот момент на мечот се случи во 71. минута кога јапонскиот арбитар досуди сомнителен пенал за Бразил. Во шеснаесетникот на „коцкестите“ во дуел беа Ловрен и Фред, а бразилскиот напаѓач падна како покосен, иако се чини дека немаше посериозен контакт, а Нишимура ги почести домаќините со удар од белата точка, при резултат 1-1. Нејмар беше прецизен, како и во 29. минута кога израмни на 1-1. Претходно Марсело си постигна авотогол во 11 минута за радост на хрватските навивачи.
За да бидат сите четири погодоци во бразилска режија се погрижи и Оскар со гол во 90. минута за конечен резултат 3-1 и прва победа на Бразил на јубилејниот 20. мундијал.
Во А групата со „кариоките“ и Хрватска се и Мексико и Камерун, селекции што утре ќе играат меѓусебе.


