Реномираниот шпански весник „Марка“ направи анкета непосредно пред стартот на Светското првенство во Бразил, а читателите очекувано и дадоа предноста на својата репрезентација во битката за нова планетарна титула. Според посетителите на сајтот на „Марка“ Шпанија ќе го одбрани трофејот од 2010, а „црвената фурија“ ја доби довербата на 36,6 проценти на учесниците во анкетата.
Зад нив е Бразил со 20,9 посто, а трет фаворит е Германија со 14,8 посто од гласовите. Анкетата опфати уште неколку сегменти, а читателите на „Марка“ веруваат во Нејмар и тој според нив е главен кандидат за признанието најдобар играч на шампионатот. Фудбалерот на Барселона доби 23,6 проценти во трката за „Златната топка“ на СП, пред Меси со 18 и Иниеста со 16,5 посто.
Прв стрелец би требало да биде Меси, за кого гласаа 16,2 посто, пред Кристијано Роналдо со 14,6 и Диего Коста со 13,3 проценти. Интересно е што сите тројца играат во шпански клубови.
Како изненадување број 1, читателите на „Марка“ ја посочуваат селекцијата на Белгија, а најдобар млад играч според нив ќе биде Гризман, напаѓачот на Франција и на Реал Сосиедад.


