Заедно со стотиците милиони фудбалски фанови низ светот, мундијалот во Бразил ќе го следи и тричлениот екипаж на Меѓународната вселенска станица, објави НАСА.
Американските астронаути Рид Вајсман и Стив Свансон и нивниот германски колега Александар Герст ќе ги бодрат своите национални репрезентации на мундијалот на околу 400 километри над површината на Земјата.
Екипажот на Вселенската станица испрати порака до сите играчи и тимови кои ќе се натпреваруваат на Светското првенство во Бразил од денеска до 13 јули.
Тие набавиле навивачки реквизити и особено се подготвуваат за следење на дуелот меѓу нивните национални тимови САД и Германија кои во рамките на групата Г ќе ги одмерат силите на мундијалот на 26 јуни.