Време е за најважната споредна работа на светот, неговото величество, фудбалот. Во Бразил, земјата на кафето, на самбата и на карневалите, овој пат во центарот на вниманието ќе бидат бубамарата и битката за шампионската круна, и тоа јубилејна, дваесетта на Светското фудбалско првенство.
Досега само осум селекции се запишале на еден од двата трофеи што се доделувани низ историјата. Од 1930 до 1970 година на легендарниот пехар „Жил Риме“, а потоа на преименуваниот „ФИФА ворлд куп трофи“.
Бразил, кој е домаќин на мундијалот од 12 јуни со 13 јули, го доби „Жил Риме“ во трајна сопственост откако во 1970 година го освои по третпат, но 13 лета подоцна пехарот беше украден од Рио де Жанеиро и до ден-денес не е пронајден.
За најдобрата репрезентација на светот следува реплика на оригиналниот трофеј, но од сето тоа е поважно првото место бидејќи носи вечна слава за фудбалерите, селекторите и за земјата-победник, а носи и престиж, рејтинг, како и вечен спомен.
Фаворити и аутсајдери
Фаворит број еден е Бразил – и според историјата, и според квалитетот, па и според предноста да се игра пред своја публика. Домашната селекција ќе има огромна поддршка од навивачите, земјата буквално живее за фудбалот, а поткрепа за големите очекувања се и квалитетните играчи. Нејмар, Оскар, Хулк, Фред, Луиз, Силва, Алвеш и уште многу други светски познати фудбалери ќе го носат ореолот на прв фаворит за рекордниот шести трофеј за Бразил, но ќе носат и голем товар на плеќите. Првиот тест со триумф на Купот на конфедерациите е успешно минат, Бразил во финалето со 3-0 го декласира актуелниот светски првак Шпанија, но мундијалот е сосема поинакво натпреварување.
Ова Светско првенство е особено интересно бидејќи има многу силни репрезентации, а и распоредот на натпревари ветува спектакли уште во првата фаза по групи. И тоа во првото коло, во кое има три супердербија меѓу последните финалисти – Шпанија и Холандија, потоа Германија и Португалија, и Италија игра со Англија. Бразил е најуспешен со 5 титули, пред Италија со 4, Германија со 3, Аргентина и Уругвај со по 2 и Шпанија, Франција и Англија со по еден трофеј.
Како на секое првенство, и на ова има аутсајдери, односно репрезентации на кои речиси не им се даваат шанси за освојување на пехарот. Букмејкерите најмалку го ценат Хондурас со коефициент 900 за сензација и искачување на светскиот фудбалски врв. Зад нив е Костарика, потоа Иран, Алжир, Јужна Кореја, Австралија, Камерун и Грција.
Проклетството на Јужна Америка за европските селекции
Неверојатен податок од Светското првенство е дека европските селекции никогаш не успеале да освојат титула на американскиот континент. На четирите шампионати што се организираа во Јужна Америка, најдалеку стигнаа Чехословачка и Холандија, до финалето, но, сепак, останаа без пехар.
Уругвај двапати стана шампион, во 1930 година на свој терен и две децении подоцна со едно од најголемите изненадувања во финалните натпревари, кога пред 200 илјади Бразилци на „Маракана“ го победи домаќинот со 2-1.
Во 1962 година Бразил беше подобар од Чехословачка во завршниот меч во Сантјаго, Чиле, а во 1978 година Аргентина умешно го искористи домашниот терен и во финалето ја победи Холандија за прв трофеј на „гаучосите“. И во останатите трипати на американскиот континент, Јужна Америка ѝ се радуваше на титулата, и тоа по еднаш Бразил и Аргентина, кога Мексико беше домаќин (1970, 1986), и повторно Бразил во 1994 година кога САД го организираа мундијалот.
Сите 19 трофеи досега одат на само две релации, Европа и Јужна Америка, а селекциите од стариот континент имаат минимална предност од 10-9. Од вкупно 19 шампионати, на 6 трофејот го освоиле репрезентациите што биле домаќини на СП, и тоа во сите случаи со домашен селектор. Селекциите од останатите континенти немаат ниту една титула, ниту, пак, играле во финален натпревар.
Состав и распоред на натпревари:
Група А: Бразил, Хрватска, Мексико и Камерун
1.коло
Бразил – Хрватска 12 јуни (22 ч.), Мексико – Камерун 13 јуни (18 ч.)
2. коло
Бразил – Мексико 17 јуни (21 ч.), Камерун – Хрватска 18 јуни (00 ч.)
3. коло
Камерун – Бразил 23 јуни (22 ч.), Хрватска – Мексико 23 јуни (22 ч.)
Група Б: Шпанија, Холандија, Чиле и Австралија
1. коло
Шпанија – Холандија 13 јуни (21 ч.), Чиле – Австралија 14 јуни (00 ч.)
2. коло
Австралија – Холандија 18 јуни (18 ч.), Шпанија – Чиле 18 јуни (21 ч.)
3. коло
Шпанија – Австралија 23 јуни (18 ч.), Холандија – Чиле 23 јуни (18 ч.)
Група Ц: Колумбија, Грција, Брегот на Слоновата Коска, Јапонија
1. коло
Колумбија – Грција 14 јуни (18 ч.), Брегот на Слоновата Коска – Јапонија 15 јуни (03 ч.)
2. коло
Колумбија – БСК 19 јуни (18 ч.), Јапонија – Грција 20 јуни (00 ч.)
3. коло
Јапонија – Колумбија 24 јуни (22 ч.), БСК – Грција 24 јуни (22 ч.)
Група Д: Уругвај, Италија, Англија и Костарика
1. коло
Уругвај – Костарика 14 јуни (21 ч.), Италија – Англија 15 јуни (00 ч.)
2. коло
Уругвај – Англија 19 јуни (21 ч.), Италија – Костарика 20 јуни (18 ч.)
3. коло
Италија – Уругвај 24 јуни (18 ч.), Костарика – Англија 24 јуни (18 ч.)
Група Е: Швајцарија, Франција, Еквадор, Хондурас
1. коло
Швајцарија – Еквадор 15 јуни (18 ч.), Франција – Хондурас 15 јуни (21 ч.)
2. коло
Швајцарија – Франција 20 јуни (21 ч.), Еквадор – Хондурас 21 јуни (00 ч.)
3. коло
Хондурас – Швајцарија 25 јуни (22 ч.), Еквадор – Франција 25 јуни (22 ч.)
Група Ф: Аргентина, Босна и Херцеговина, Иран и Нигерија
1. коло
Аргентина – Босна и Херцеговина 16 јуни (00 ч.), Иран – Нигерија 16 јуни (21 ч.)
2. коло
Аргентина – Иран 21 јуни (18 ч.), Нигерија – БиХ 22 јуни (00 ч.)
3. коло
Нигерија – Аргентина 25 јуни (18 ч.), БиХ – Иран 25 јуни (18 ч.)
Група Г: Германија, Португалија, Гана, САД
1. коло
Германија – Португалија 16 јуни (18 ч.), Гана – САД 17 јуни (00 ч.)
2. коло
Германија – Гана 21 јуни (21 ч.), САД – Португалија 23 јуни (00 ч.)
3. коло
Германија – САД 23 јуни (18 ч.), Португалија – Гана 23 јуни (18 ч.)
Група Х: Белгија, Русија, Јужна Кореја и Алжир
1. коло
Белгија – Алжир 17 јуни (18 ч.), Русија – Јужна Кореја 18 јуни (00 ч.)
2. коло
Белгија – Русија 22 јуни (18 ч.), Алжир – Јужна Кореја 22 јуни (21 ч.)
3. коло
Јужна Кореја – Белгија 26 јуни (22 ч.), Алжир – Русија 26 јуни (22 ч.)
Напомена: Двете најдобропласирани селекции одат понатаму
Осминафинале (времето на играње ќе биде дополнително одредено):
1 – А1 – Б2, 28 јуни во Бело Хоризонте
2 – Ц1 – Д2, 28 јуни во Рио де Жанеиро
3 – Б1- А2, 29 јуни во Форталеза
4 – Д1- Ц2, 29 јуни во Ресифе
5 – Е1 – Ф2, 30 јуни во Бразилија
6 – Г1 – Х2, 30 јуни во Порто Алегре
7 – Ф1- Е2, 1 јули во Сао Паоло
8 – Х1-Г2, 1 јули во Салвадор
Четврт-финале:
А – Победник 1 со победник 2, на 4 јули во Форталеза
Б – Победник 5 со победник 6, на 4 јули во Рио де Жанеиро
Ц – Победник 3 со победник 4, на 5 јули во Салвадор
Д – Победник 7 со победник 8, на 5 јули во Бразилија
Полуфинале:
Победник А со победник Б, 8 јули во Бело Хоризонте
Победник Ц со Победник Д, 9 јули во Сао Паоло
Меч за трето место, на 12 јули во Бразилија
Финале на СП, на 13 јули на „Маракана“ во Рио де Жанеиро
Пишува:Зоран Поповски

