Со свечена церемонија која е закажана во 20 часот и 15 минути, а потоа и со натпреварот Бразил-Хрватска кој ќе се одигра на новиот стадион на Коринтијанс во Сао Паоло официјално ќе започне јубилејното 20. Светско првенство.
Бразил по 64. години повторно ќе биде домаќин на најголемото меѓународно фудбалско натпреварување.
Титулата ја брани репрезентацијата на Шпанија, а најголем конкурент ќе и биде домашната селекција, која трофејот до сега го има освоено пет пати – 1958, 1962, 1970, 1994 и 2002 година.
Мундијалот ќе трае од 13 јули, а за титулата светски првак која носи и награда од 35 милиони долари ќе се борат 32 екипи. Ќе се одиграат 64 натпревари на 12 стадиони, од кои седум се изградени специјално за СП.
Прв пат во историјата на Мундијалите ќе биде користена технологија на гол линијата, систем кој би требало да им помогне на судиите во носењето на одлуки во сомнителни ситуации.
Покрај тоа, како новитет ќе биде и спрејот кој судиите ќе го користат така што на најдобар начин ќе ја одредат далечината на живиот ѕид за време на изведување на слободен удар.
Триесет и двете екипи се поделени во осум групи, а пласман во наредната фаза од натпреварувањето ќе изборат двете првопласирани репрезентации.
Официјалната химна за ова Светско првенство „We Are One“ на отворањето ќе ја испејат Џенифер Лопез, раперот Питбул како и бразилската пејачка Клаудија Леита.

