петок, 12 декември 2025 | Вести: 0

Фудбалот ќе ги „разработи“ домашните дворови и балкони – работното време останува исто?!

фудбал

Пред нас е Светското првенство во фудбал, кое почнува утре на големо задоволство на љубителите на најважната споредна работа во светот. Но, и на задоволство на угостителите кои се надеваат на поголема заработувачка за време на одржувањето на мундијалот. Телевизори се поставуваат таму каде што нема сѐ со цел да се привлечат повеќе гости кои ќе гледаат фудбал и ќе пијат пиво.

Но, работното време, кое според Законот за угостителска дејност за време на летниот период е до 1 часот по полноќ, им ги мати сметките. Поради временските разлики со Бразил, некои од натпреварите почнуваат на полноќ, па во тој случај последниот натпревар не можете да го гледате во кафуле бидејќи само што сте седнале, ќе ве станат за да затворат.

Од угостителите веќе постои иницијатива за продолжување на работното време и истата е поднесена до Советот на Град Скопје.

– Иницијативата за продолжување на работното време за време на Светското првенство во Бразил ја разгледавме на Управен одбор и истата ќе ја поднесеме до Советот на Град Скопје. Тие можат да донесат одлука за продолжување на работното време за еден час, односно до 2 часа максимум. Тоа и се прави кога има одредени манифестации или слично. Така направија угостителите во Охрид, односно го продолжија работното време до два часот по полноќ за време на сезоната – вели претседателот на Туристичко-угостителската комора, Феркан Бербери.

Од Државниот пазарен инспекторат се децидни дека нема толеранција за угостителите кои ќе го прекршат работното време, сѐ додека не се донесе спротивна одлука, односно работното време да биде продолжено.

– Според Законот за угостителска дејност, Советот на Град Скопје може да го продолжи работното време максимум два часа, најмногу три дена, а Светското првенство трае еден месец. Како ќе го решат тоа, не знам. Казни за прекршителите на работното време секако ќе следуваат – велат оттаму.

Се поставува прашањето кој е навистина одговорен за работното време на кафулињата? Дали Град Скопје или Министерството за економија, кој го носи законот за работно време на угостителските објекти.

– Град Скопје не е надлежен да го регулира работното време, и со Законот може да го продолжува за еден час, но најдолго за три дена, исклучиво за потребите на своите манифестации – велат од Градот.

Од Министерството за економија со свој став.

– Советот на општината, односно Советот на Град Скопје, за одредени туристички, културни и друг вид манифестации, содржани во годишните програми, може да го продолжат работното време најмногу за два часа, за угостителските објекти од став 1 на овој член, но во времетраење најмногу до три дена. Натпреварите кои ке се играат во осминафиналето, четврт-финалето, полуфиналето и финалето ќе се емитуваат во 18 часот и во 22 часот.Останува отворен терминот на играње на натпреварите од 13.06 – 23.06.2014 година (10 дена). Градот Скопје во годишната програма (доколку тоа не е направено) може да го вклучи Светското фудбалско првенство и да донесе одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти до 2 часот по полноќ за 3 дена во согласност со законот – велат за „Република“ од Министерството за економија.

И додека Град Скопје и Министерството за економија си ја префрлаат топката од еден на друг за тоа кој е одговорен за работното време на кафулињата, изгледа штета ќе претрпат нивните газди и луѓето кои ќе сакаат во дружба со своите пријатели да ги гледаат фудбалските натпревари.

Според Законот, угостителот ќе се казни со парична казна од 50.000 до 150.000 денари за непридржување кон истакнатото работно време.

– Првенството трае 30 дена, а не три дена. Очекуваме Советот на Град Скопје да го продолжи работното време. Во Хрватска е веќе договорено. Чекаме одлука, ни рекоа ќе знаеме денеска. Нам ни одговара  хрватскиот пример. Треба да има разбирање. И онака не утепаа со зимското работно време. За првенството треба да бидат фер и кон нас и кон љубителите на фудбалот – вели Столе, сопственик на кафулето „Чао“.

Иницијатива за продолжување на работното време имаше и во Хрватска, тие веќе се договорија со властите да не ги затвораат вратите пред 2 часот, а нивниот пример се очекува да го следат и други земји од соседството.

Top